ДУИ НЕ ПРОТЕСТИРА ЗА УЛИЦИТЕ, ТУКУ ЗА ПРИВИЛЕГИИТЕ Според Вреди, ДУИ си бара алиби за сопствениот пад
По вториот протест на ДУИ за поништените одлуки за преименување на улиците и плоштадите во Тетово, од Вреди возвратија дека не станувало збор за граѓански револт, туку за обид на партијата да го прикрие, како што велат, сопствениот политички пад.
Вториот протест на ДУИ за имињата на улиците и плоштадите во Тетово не беше протест на граѓаните, туку манифестација на стравот на партијата на која ѝ истекува политичкото време, се вели во соопштението на Вреди по повод протестите за одлуката на Уставниот суд да ги поништи од процедурални причини сменетите имиња на улиците.
„ДУИ повеќе од две децении ја држеше локалната и централната власт. Денес, наместо да се извинува за п рекршените ветувања и проблемите што ги остави зад себе, излегува на улиците обидувајќи се да се претстави како жртва. Граѓаните не забораваат кој управувал со Тетово со години.
Тврдењата за наводно попречување на протестот се уште еден обид да се прикрие реалноста, ДУИ повеќе не е во можност да ги мобилизира граѓаните како што правеше некогаш и бара алиби за својот политички неуспех.
ДУИ мора да разбере дека Тетово не е ничија сопственост. Времето кога оваа партија веруваше дека може да зборува во име на сите Албанци е завршено. Граѓаните избраа промени и нема враќање назад. Колку повеќе ДУИ организира протести за да се спаси, толку повеќе докажува дека повеќе нема визија, кредибилитет или одговори за своите неуспеси.
Вреди останува посветена на решавање на проблемот за имињата на улиците во Тетово на законски, институционален начин и во интерес на граѓаните. Времето на манипулации заврши. Тетово заслужува работа, одговорност и резултати, а не политичка паника“, порачуваат од Вреди.