НЕ ГО СМЕСТИЛЕ АГРЕСИВНИОТ ТАТКО НИТУ СО ВРСКИ! Кумановка мораше да се обрати на Инстаграм за да биде слушната од државата

Ниту со врски, како што самата сведочи, девојката не успеала да најде место во психијатриска установа за таткото кој, според нејзините тврдења, со години го тероризира семејството. Дури откако јавно се обрати на Инстаграм и случајот доби медиумско внимание, било најдено решение за негова хоспитализација.

5

Снимка од девојката од Куманово која проживеала голгота ја постресе јавноста. Таа за „Слободен печат“  раскажала дека психијатриски установи одбивале да го хоспитализираат нејзиниот агресивен татко и дека доживеала долгогодишна семејна голгота.

Откако јавно побарала помош на Инстаграм, и по медиумските објави, за пациентот конечно било пронајдено место во психијатриската болница во Демир Хисар.






Според неофицијалните информации, пациентот бил транспортиран во болницата во Демир Хисар со полициска придружба.

Девојката јавно проговори за долгогодишната семејна агонија. Таа тврди дека живее со родител кој има психички растројства, е зависник од алкохол и со години врши различни форми на насилство врз семејството.

– Не барам никој да ме сожалува, туку помош од институциите – порача девојката во видеото што брзо се прошири на социјалните мрежи.

Според нејзиното сведоштво, во домот живеат три жени, мајка, ќерка и баба, како и брат со церебрална парализа. Таа тврди дека семејството со години живее во страв од закани, а обидите агресивниот родител повторно да биде хоспитализиран завршувале без успех.

– Постојано ни се заканува дека ќе нѐ убие. Имало и обиди за самоубиство и за насилство кон нас. Цел ден одиме по институции, а никаде нема место – вели девојката.

Дополнителен проблем е што мажот одбива развод и не сака да го напушти домот, додека останатите членови на семејството немаат услови да започнат самостоен живот, особено поради потребите на братот кој користи инвалидска количка.

Од Психијатриската болница „Бардовци“ за „Слободен печат“ изјавиле дека нема слободни капацитети бидејќи се реновира ургентното одделение. Директорот Иса Абдулаи потврдил дека и претходно биле направени обиди за хоспитализација на истиот пациент, но во моментот немало место.

Само еден ден по јавното објавување на видеото и по засилениот медиумски интерес, било пронајдено решение пациентот да биде примен во психијатриската болница во Демир Хисар.

Поврзани содржини