📽️ АВИОН СЕ УРНА ПРИ ПОЛЕТУВАЊЕТО, НЕМА ПРЕЖИВЕАНИ Првите снимки од местото на несреќата се морничави

Мал патнички авион на „Flamingo Airlines“ се урна кратко по полетувањето во областа Норт Андрос, при што загинаа девет патници и пилотот, а властите ја суспендираа дозволата за работа на авиокомпанијата.

130

Страшна авионска несреќа ја потресе туристичката дестинација Бахами, откако мал патнички авион се урна кратко по полетувањето, при што загинаа сите 10 лица што се наоѓале во него.

Според бахамските власти, авионот на компанијата „Flamingo Airlines“ полетал од Меѓународниот аеродром „Линден Пиндлинг“ во близина на главниот град Насау, но веднаш по полетувањето се појавиле технички проблеми.






Леталото почнало да губи височина, се урнало во областа Норт Андрос и паднало во грмушки околу 13 часот по локално време.

Во несреќата загинале девет патници и пилотот. Полициската комесарка Шанта Ноулс изјави дека едно лице првично било извлечено живо од урнатиот авион, но подоцна им подлегнало на повредите.

 

По трагедијата, Министерството за транспорт на Бахамите превентивно го суспендираше оперативниот сертификат на авиокомпанијата „Flamingo Airlines“, поради што привремено се запрени нејзините летови додека трае истрагата.

Од компанијата соопштија дека ги собираат сите информации поврзани со несреќата и целосно соработуваат со надлежните институции.

Уште два инцидента истиот ден

Истиот ден биле регистрирани уште два сериозни безбедносни инциденти во воздушниот сообраќај. Во еден од нив, авион се запалил на пистата веднаш по слетувањето, откако патниците веќе ја напуштиле леталката.

Според американските медиуми, авионот претходно бил пренасочен кон Насау откако пилотот пријавил технички дефект.

Урнатиот авион бил од типот Cessna 402, а несреќата се случила токму на денот кога Бахамите ја одбележувале 53-годишнината од независноста.

„Денес требаше да биде ден на славење, но се претвори во ден на жалост. Ова е уште едно трагично поглавје во историјата на нашата земја“, изјави премиерот на Бахамите, Филип Дејвис.

Компанијата имала и претходни инциденти

Според достапните податоци, „Flamingo Airlines“ од 2012 година наваму имала уште осум авионски инциденти, но ниту еден од нив немал смртни последици.

Во октомври 2023 година, за време на лет кон Станиел Кеј, среде лет се отворила вратата за качување на авион од типот Beech 99, додека во 2016 година друг авион на компанијата принудно слетал поради дефект на тркалото од системот за слетување.

Поврзани содржини