ЗГОЛЕМЕН ИНТЕРЕС НА МЛАДИТЕ ЗА СМЕТКОВОДСТВОТО Потврда за атрактивноста и важноста на професијата

Институтот континуирано соработува со економските факултети и средните економски училишта на развој на практични програми.

41

Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) го поздравува зголемениот интерес на младите за образование во областа на сметководството. По зголемениот број запишани студенти на катедрите за сметководство и ревизија во изминатата година, годинава е евидентен и пораст на интересот кај средношколците, при што во првиот уписен рок во повеќе средни економски училишта се исполнети предвидените места во сметководствената област.

Во таа насока, Институтот ги повикува сите општествени чинители во своето делување да придонесуваат кон унапредување на угледот и атрактивноста на сметководствената професија. Професијата која обезбедува доверба во финансиското известување, транспарентност во работењето и стабилност на економскиот систем заслужува почит, афирмација и заедничка поддршка, особено во период кога сè повеќе млади луѓе ја препознаваат како своја професионална определба.






Дополнително, охрабрува фактот што годинава може да се очекува уште поголем интерес и за студиските програми по сметководство и ревизија на економските факултети. Позитивниот тренд укажува дека младите сè повеќе ја препознаваат сметководствената професија како сигурен, перспективен и значаен кариерен избор. Денес сметководството е професија која се развива паралелно со дигиталната трансформација, примената на вештачката интелигенција и современите технологии, а улогата на сметководителите сè повеќе се проширува од обработка на податоци кон анализа и советување и поддршка при носење деловни одлуки.

Институтот континуирано соработува со економските факултети и средните економски училишта на развој на практични програми. Исто така, ја поддржа и студентската иницијатива за поткастот „Повеќе од само бројки“, преку кој младите ја доближуваат професијата до своите врсници. Интересот за професијата кај младите е од особено значење за обезбедување континуитет, квалитет и понатамошен развој на една од најзначајните професии за стабилно финансиско известување и економски развој.

Сметководствената професија не е само дел од економијата, таа е нејзин незаменлив двигател и чувар на финансиската транспарентност. Зад секој платен данок, исплатена плата, реализирана инвестиција и објавен финансиски извештај стојат знаењето, професионалноста и интегритетот на сметководителите. Оттука, угледот на сметководствената професија е директно поврзан со довербата во економскиот систем, а нејзината афирмација претставува инвестиција во посилна, потранспарентна и поконкурентна економија.

Институтот на сметководители и овластени сметководители, како единствена професионална организација со јавни овластувања во оваа област, обединува повеќе од 6.000 сметководители и овластени сметководители, а неодамна стана членка на CFE Tax Advisors Europe – најголемата организација на даночни советници во Европа.

Една од клучните стратешки цели на Институтот е полноправно членство во Меѓународната федерација на сметководители (IFAC), со што дополнително ќе се зајакнат меѓународната позиција, кредибилитетот и влијанието на македонската сметководствена професија. Членството во IFAC ќе овозможи директен пристап до најдобрите светски практики, најсовремените професионални стандарди и глобалните трендови во развојот на професијата, обезбедувајќи македонските сметководители да бидат рамноправен дел од меѓународната професионална заедница.

 

Поврзани содржини