СО ТВРДИ ПРЕДМЕТИ ГИ НАПАДНАЛ СОПРУГАТА И ТРИТЕ ДЕЦА Седум пријави за семејно насилство за едно деноноќие

Четири лица се лишени од слобода по пријави за семејно насилство. Полицијата интервенирала во повеќе градови низ државата. 

36

Седум случаи на семејно насилство се регистрирани во изминатото деноноќие низ државата, а четири лица завршиле во полициска станица. Најтежок е случајот во скопски Чаир, каде 56-годишен маж е осомничен дека со тврди предмети ги нападнал сопругата, двете ќерки и синот.

Полициски службеници го привеле осомничениот, а по документирањето на случајот ќе следува соодветен поднесок. Во скопската населба Аеродром бил приведен 35-годишен маж од светиниколско, по пријава дека физички ја нападнал својата поранешна партнерка.






Според пријавеното, подолг период ѝ упатувал закани и барал парични средства, а телефонски ги вознемирувал и нејзините блиски и пријатели.

Во Кавадарци полицијата привела 45-годишен маж поради сомнение дека физички ја нападнал својата 70-годишна мајка. По интервенцијата бил однесен во здравствена установа, а против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во Струмица е приведен 71-годишен маж кој, според пријавата, ја нападнал својата 61-годишна сопруга и ѝ нанел повреди. За случајот е известен јавен обвинител, а осомничениот бил задржан во полициска станица.

Полицијата регистрирала и случај во кој 54-годишна скопјанка пријавила дека родителите не ѝ дозволувале да го напушти домот. Во друг случај во Аеродром, сопружници меѓусебно се пријавиле за физички напад по семејна расправија.

Во Неготино, пак, 63-годишна жена пријавила дека била нападната од својот брат.

Поврзани содржини