150 ПОРАКИ, 3 ГОДИНИ СУДЕЊЕ И ОСЛОБОДИТЕЛНА ПРЕСУДА ЗА СЕВЕРИНА Обвинителството бараше 10 месеци затвор
Судот во Загреб ја ослободи пејачката иако обвинителството бараше условна казна затвор поради повеќе од 150 пораки испратени до две јавни функционерки.
Судската постапка што со години ја следеше хрватската јавност заврши со ослободителна пресуда за Северина Вучковиќ. Иако обвинителството бараше условна затворска казна од 10 месеци, судот во Загреб оцени дека пораките што ги испраќала до директорката Љиљана Клингер и до поранешната директорка на Поликлиниката за деца и млади, Гордана Буљан Фландер, не претставуваат кривично дело.
Случајот се водеше зад затворени врати речиси три години и произлезе од спорот за старателство над синот на пејачката. Обвинителството тврдеше дека Северина испратила повеќе од 150 пораки со навредлива и вознемирувачка содржина.
Минатата недела таа ја изнесе својата одбрана и ја отфрли вината, а денес судот пресуди во нејзина корист.
Обвинението падна
Според неофицијални информации од хрватските медиуми, судот заклучил дека содржината на пораките не го исполнува кривичното дело за кое се товарела Северина, туку евентуално може да биде предмет на приватна тужба.
Дали обвинителството ќе поднесе жалба ќе биде познато откако ќе го добие писменото образложение на пресудата.
„Таа лажеше за сè“
За време на процесот сведочеа и Клингер и Буљан Фландер, а по едно од рочиштата Северина кратко им порача на новинарите:
– Таа лажеше за сè!
На почетокот на судењето пејачката тврдеше дека реагирала како мајка која се бори за своето дете и дека вистинската одговорност треба да се бара кај луѓето што учествувале во постапките поврзани со старателството.