ТРАМП РАЗОЧАРАН ОД НАТО, ГО ИЗДВОИ ЕРДОГАН КАКО СОЈУЗНИК Белата куќа бара поголема поддршка по операциите против Иран
Американскиот претседател од Анкара порача дека Вашингтон вложува најмногу во Алијансата, но дека не добива доволна поддршка од партнерите. Истовремено упати пофалби до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Самитот на НАТО во Анкара донесе уште една порака што ќе одекне меѓу сојузниците. Шефот на САД јавно изрази разочарување од Алијансата, оцени дека САД не добиле доволна поддршка по операциите против Иран и порача дека можеби воопшто немало да присуствува на собирот ако домаќин не била Турција.
„Многу сум разочаран од НАТО“
Трамп настапи на заедничка прес-конференција со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Тој рече дека САД не биле третирани фер од сојузниците по акциите против Иран.
– Не сме добро третирани затоа што направивме нешто во Иран – изјави американскиот претседател.
„Да не беше самитот во Турција, немаше да дојдам“
Говорејќи за домаќинот на самитот, Трамп употреби исклучително пофални зборови.
– Доколку не се одржеше во Турција, каде што мојот пријател е многу силен лидер, многу силна личност, веројатно немаше да присуствувам – рече тој.
Изјавата доаѓа во момент кога Анкара се обидува да ја зацврсти својата улога во рамките на Алијансата и во регионалната дипломатија.
Повик за поголема поддршка
Трамп нагласи дека Вашингтон издвојува огромни средства за одбраната на европските сојузници, Канада и другите членки на НАТО. Според него, партнерите треба поотворено да застанат зад САД кога тие преземаат крупни безбедносни операции.
Прашањето за американското воено присуство во Европа повторно се најде во фокусот, иако Трамп не најави конкретни чекори за повлекување на трупите.