МАКЕДОНИЈА ГО ЗГОЛЕМИЛА ИЗВОЗОТ ЗА 5,7% ВО ПРВИТЕ 5 МЕСЕЦИ ГОДИНАВА Еве во кои 5 држави е сконцентрирана половина од размената

Македонските компании извезле стоки вредни речиси 218 милијарди денари за пет месеци. Увозот пораснал уште побрзо. Половина од трговската размена се врти околу пет земји, Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија.

78

Државниот завод за статистика соопшти дека трендот на пораст на извозот и увозот продолжува и во периодот јануари – мај 2026 година во споредба со истиот период 2025 година. Вкупната вредност на извозот на стоки изнесува 217 977,7 милиони денари и бележи раст од 5,70%, додека вредноста на увезената стока е 306 513,7 милиони денари, што претставува зголемување за 5,91%.

Трговската размена по производи според Стандардната меѓународна трговска класификација покажува дека во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи.






Во увозот најмногу се застапени: платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и други моторни возила за превоз на лица.

Во периодот јануари – мај 2026 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои учествуваат  со 50,4 % во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 58,2 % во вкупната размена.

Поврзани содржини