НОВ ПОЖАР ИЗБУВНА ВО ОПШТИНА ШТИП Гори борова шума над филтер-станицата
Центарот за управување со кризи соопшти дека до 18 часот се регистрирани вкупно 11 пожари на отворен простор, од кои еден е активен, еден е ставен под контрола, а девет се изгаснати.
Попладнево избувна нов пожар на територијата на Општина Штип, меѓу населбите Баби и Дузлак, над филтер-станицата, при што е зафатена борова шума, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов,
Според Ангелов, Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Штип интервенира со целосниот расположлив капацитет во обид да се стави пожарот под контрола.
-Пред малку изби тежок пожар на територијата на Општина Штип помеѓу населбите Баби и Дузлак над филтер станицата. Со оган е зафатена борова шума-соопшти Ангелов.
Тој додаде дека во гаснењето ќе се вклучат и неколку доброволни противпожарни друштва кои ќе им пружат поддршка на штипските пожарникари.
Центарот за управување со кризи (ЦУК), пак соопшти дека до 18 часот на територијата на државата се регистрирани вкупно 11 пожари на отворен простор, од кои еден е активен, еден е ставен под контрола, а девет се изгаснати.
Според информациите од ЦУК, активен останува пожарот во Општина Македонски Брод, во атарот на селото Белица, каде што гори нискостеблеста вегетација. Кон пожарот се упатени екипа на ТППЕ Македонски Брод и ЈП за управување и заштита на повеќенаменското подрачје Јасен, а во гаснење на пожарот ќе се приклучат и два „ер трактори“ на ДЗС.
Под контрола е ставен пожарот во Општина Брвеница, кај селото Милетино, каде беше зафатена ниска вегетација.
Во текот на денот целосно се изгаснати девет пожари на отворен простор. Во Општина Ѓорче Петров, кај селото Кучково, горела деградирана ниска вегетација, додека во Општина Велес е изгаснат пожарот кај селото Црквино.
Изгаснати се и пожарите кај селото Црвени Брегови во Општина Неготино, селото Стојаково во Општина Богданци и селото Добрејци во Општина Струмица, каде била зафатена ниска, односно нискостеблеста вегетација.
ЦУК информира дека е локализиран и изгаснат пожарот кај манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ во Општина Крива Паланка, како и пожарот кај селото Царевиќ во Општина Прилеп, каде горела ниска вегетација во шумски предел.
Изгаснати се и пожарите кај селото Нов Караорман во Општина Карбинци, каде биле зафатени жито и деградирана ниска вегетација, како и кај селото Смојмирово во Општина Берово.
Од Центарот за управување со кризи посочуваат дека надлежните служби ја следат состојбата на терен и интервенираат на сите пријавени пожари.