📽️ И РИБА ЗМЕЈ ГИ ПЛАШИ ТУРИСТИТЕ ВО СЕВЕРНА ГРЦИЈА Еве што треба да знаете ако летувате на Тасос, на плажите кај Кавала и на Халкидики

Не е опасна како рибата зајак, не напаѓа, но ако ја нагазите со боси нозе, лошо ќе си поминете.

1,296

Туристите кои деновиве летуваат во Северна Грција сè почесто споделуваат предупредувања на социјалните мрежи за присуството на т.н. „риба змеј“ (dragon fish), позната и како дракена. Еден од најсподелуваните постови се однесува на плажата Амолофи, во близина на Кавала, каде посетители тврдат дека забележале примероци од оваа риба во плиткото море.

Иако нејзиниот убод е исклучително болен, експертите нагласуваат дека нема причина за паника – станува збор за вид кој одамна живее во Средоземното Море и не е нов инвазивен вид. Рибата змеј, научно позната како weever fish (семејство Trachinidae), најчесто достигнува должина од 10 до 15 сантиметри.






Таа има песочна боја и речиси целосно се закопува во песокот, оставајќи ги надвор само очите и отровните боцки на грбот. Поради тоа е речиси невозможно да се забележи додека човек влегува во морето, а до убод најчесто доаѓа кога некој случајно ќе нагази на неа. И покрај застрашувачкото име, дракената не е агресивна и не ги напаѓа луѓето.

 

@fishingexperiences Δρακαινα ψαρι #δρακαινα #ψαρι #ψαρια #ψαρεμα #voukelatosfishingexperiences #Greece ♬ Paradise – Tony Dark Eyes

Отровот го користи исклучиво за одбрана. Убодот предизвикува силна, остра болка која обично се засилува во првите триесетина минути. Кај чувствителни лица може да се појават и потење, мачнина, вртоглавица или слабост, но смртни случаи се исклучително ретки. Она што е важно да се нагласи е дека ова не е инвазивен вид, како што е рибата зајак (Lagocephalus sceleratus), која последниве години се шири во источниот Медитеран.

Дракената е автохтон, односно природно распространет вид во Средоземното, Егејското и во Јадранското Море и со векови е дел од локалниот морски екосистем. Дури и грчките рибари ја ловат за исхрана, но претходно внимателно ги отстрануваат отровните боцки. Освен кај Амолофи, вакви пријави има и од други песочни плажи во северниот дел на Егејското Море, особено во регионот на Кавала, Тасос и Халкидики.

Локалните туристички портали наведуваат дека дракената може да се сретне практично на сите песочни плажи во Грција, но повеќе случаи се пријавуваат на места со плитко, мирно море и песочно дно, каде што рибата лесно се закопува. Туристите не треба да се откажуваат од капење, туку да преземат едноставни мерки на претпазливост.

Фото: Принтскрин

Најдобро е во плиткото да се носат обувки за вода, а при влегување во морето наместо големи чекори да се прават мали движења со стапалата по песокот. Така рибата најчесто сама се оттурнува и се избегнува нагазување. Доколку сепак дојде до убод, лекарите советуваат погоденото место што побрзо да се потопи во топла вода – колку што може да се издржи без да се предизвика изгореница. Отровот е чувствителен на висока температура, па топлината значително ја намалува болката.

Потоа се препорачува преглед во најблиската здравствена установа, особено ако се појават посилни симптоми или алергиска реакција. Грчките туристички служби потсетуваат дека случаите на убод од дракена се релативно ретки ако се земе предвид огромниот број капачи секое лето. Затоа, присуството на оваа риба не треба да биде причина за страв, туку само потсетник дека и во морето, како и во природата воопшто, внимателното однесување е најдобрата заштита.

Поврзани содржини