ЗАВРШИ БЕСПЛАТНИОТ ГРАДСКИ ПРЕВОЗ ВО КУМАНОВО Билетите чинат од 30 до 120 денари, во зависност од зоната
Општината ги извести граѓаните дека од 1 јули повторно се применува редовниот систем на наплата на билети, согласно одлуката на Советот на Општина Куманово.
Општина Куманово соопшти дека од денеска повторно се наплаќаат билети во општинскиот линиски превоз, откако заврши мерката за субвенционирање на јавниот превоз што се спроведуваше во изминатите 3 и пол години.
Општината ги извести граѓаните дека од 1 јули повторно ќе се применува редовниот систем на наплата на билети, согласно одлуката на Советот на Општина Куманово, според која билетот за првата зона ќе чини 30 денари, за втората 40, за третата 60, за четвртата 80 денари, за петтата 100 и за шестата зона 120 денари.
Мерката за бесплатен јавен превоз беше воведена во екот на енергетската криза, а од општината тогаш образложија дека целта е да се намалат трошоците на семејните буџети, да се поттикне користењето на јавниот превоз и да се намалат сообраќајниот метеж и аерозагадувањето.
Во изминатиот период бесплатниот превоз предизвикуваше различни реакции кај граѓаните. Дел од кумановци сметаат дека мерката треба да продолжи, додека други оценуваат дека субвенции треба да добиваат само одредени категории граѓани, како ученици и социјално ранливи лица. Дел од кумановци сметаат дека повторното воведување на наплата е оправдано, наведувајќи дека бесплатниот превоз создавал метеж, особено во утринските часови, кога се превезуваат учениците и работниците, а најголема корист од него имале жителите од приградските населби.