ЛЕВИЦА ЌЕ БЛОКИРА НЕШТО ШТО ПРИФАТИ, А СДСМ НЕШТО ШТО БОЈКОТИРАШЕ! Милошоски за заканите за блокада на измените во Изборниот законик

Предлог измените на Изборниот законик ќе бидат поднесени, со сите усогласени измени според препораките на ОДИХР, но без измените во членот 76-д. За овој член ќе биде оставена можност Левица да поднесе амандман – напиша Милошоски, како реакција на прес-конференцијата на Левица.

427

Левица одби да го потпише предлогот за измени на Изборниот законик во чие изготвување учествуваше – изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, коментирајќи ги најавите од Левица и од СДСМ дека ќе го блокираат донесувањето на измените во Изборниот законик.

Претседателот на Левица Димитар Апасиев на денешната прес-конференција порача дека не е постигнат консензус за предложените измени на Изборниот законик.






– Во ниту еден момент не се постигна консензус за ваков Изборен законик – истакна Апасиев, додавајќи дека останале пет клучни прашања кои не биле затворени по работните состаноци: условите за независните кандидати по одлуката на Уставниот суд, електронското гласање на дијаспората, државното финансирање на изборните кампањи и билбордите, како и воведувањето на една изборна единица – рече Апасиев.

На прес конференција претседателот на СДСМ Венко Филипче обвини дека со новиот Изборен законик власта, како што рече, „отвора врата за изборна кражба и манипулација“, и дека СДСМ тоа нема да го дозволи.

Филипче посочи на неколку спорни делови од предложениот законик, а едно од најспорните решенија, според него, е предлогот за електронско гласање на дијаспората.

– Тоа значи без никаква проверка на луѓе коишто не знаеме, наши иселеници каде се, кој ќе им го провери идентитетот, едноставно пред компјутер ќе може да гласаат и тоа ќе има еднаква вредност како гласањето во татковината. Тоа отвара ризик за масовно и неконтролирано гласање, исто како што беше тоа за време на владите на Никола Груевски. Не се кажува точно на кој начин тоа ќе се регулира, дотолку повеќе се укажува дека ова електронско гласање на дијаспората треба со подзаконски акти да го утврди Државната изборна комисија, а не како што е редот да биде тоа утврдено со закон – рече Филипче.

Милошоски во објава на Фејсбук одговори на овие обвинувања од Левица и од СДСМ.

– Темата за измени на Изборниот законик беше отворена на лидерската средба во јануари оваа година. Сите партии/ коалиции, освен отсутната СДСМ, се согласија дека согласно реформската агенда до крајот на јуни ќе се поднесат предлог измените на Изборниот законик, со вметнување на препораките на ОДИХР. И ВМРО-ДПМНЕ, и ДУИ, и ВЛЕН, и Левица го потврдија овој став.

Согласно овој став од лидерската средба на 9-ти март, во министерството за правда, започнаа состаноците на Работната група за измени на Изборниот законик, со претставници од сите политички партии, со тоа што СДСМ потоа донесе одлука да се повлече од овие разговори. Се работеше по препораките на ОДИХР, врз основа на кои партиите даваа свои предлози за измени на Изборниот законик. За голем дел од дискусиите беше постигнат компромис, и добар дел од предлозите на Левица беа вградени во предлог измените, за што постојат записници.

Тема која предизвика поголем интерес на работните средби беше членот 76-д, средства за изборно рекламирање, за кој ВМРО-ДПМНЕ даде предлог соодносот на бројот на пратеници да биде објективен критериум за користење на 97% од овие средства, а 3% да бидат на располагање на партиите кои немаат пратеници во Собранието. Две партии не се согласија со овој предлог и за истиот не се постигна консензус. Го прифативме тоа како реалност и продолживме прагматично да разговараме со цел да се дојде до консензус.

Потоа на темата средства за изборно рекламирање со конкретни предлози и проценти излегоа ДУИ и Левица, при што на крајот сите други партии се согласија на компромисот кој произлезе од овие два предлози, а истиот гласеше: 42% за двете најголеми партии од позицијата

42% за двете најголеми партии од опозицијата, 8% за партиите кои имаат пратенички групи, а не се меѓу четирите најголеми. 5% за партиите кои немаат пратенички групи и 3% за вонпарламентарните партии/ група избирачи.

Никаков заговор, никакви интриги. Напротив, Левица како ко-предлагач на ова решение даде сериозен придонес во буџетската распределба на средствата. Прифаќањето на овој предлог беше нотирано во записникот на Министерството за правда.

Но, иако беа ко-предлагачи на ова решение денес пратениците Крмов и Реџеп Исмаил известија дека нема да бидат потписници на предлог измените на Изборниот законик, иако на тоа се согласија и на лидерската средба и за време на состаноците на Работната група во министерството за правда. Поточно, побараа пратениците на ВМРО, ВЛЕН, ДУИ и ЗНАМ да го поднесат предлогот за измени на Изборниот законик, да го изгласаат, со напомена дека доколку Левица ги добие побараните пари за изборно рекламирање, ветуваат дека нема да го блокираат законот. Многу непринципиелно одбегнување да се превземе одговорноста за законски измени во чие подготвување учествуваше токму Левица.

Затоа, предлог измените на Изборниот законик ќе бидат поднесени, со сите усогласени измени според препораките на ОДИХР, но без измените во членот 76-д. За овој член ќе биде оставена можност Левица да поднесе амандман според усогласениот компромис кој го предложија на Работната група и истиот ќе биде поддржан. Тоа што е договорено, чесно е да се испочитува, без разлика што ко-предлагач за распределбата на буџетските средства за рекламирање беше Левица. Не е коректно на работните средби да се бараат буџетски пари за рекламирање, а во јавноста да се глуми девственост и жртва на наводен заговор!“ – вели Милошоски.

Поврзани содржини