🎥 (СПЕКТАКУЛАРНО) ЛА САГРАДА ФАМИЛИЈА БЛЕСНА СО БОЖЕСТВЕН СЈАЈ Свечено отворена и осветена централната кула посветена на Исус Христос

На прославата присуствуваа околу 120.000 посетители, а атмосферата беше исполнета со музика, дронови, светлосни ефекти и импресивен огномет што го осветли небото над каталонската престолнина.

210

Барселона беше сведок на историски момент во кој со спектакуларна церемонија беше пуштена во употреба последната голема кула на прочуената базилика „Ла Саграда Фамилија“. Илјадници луѓе се собраа околу ремек-делото на Антони Гауди за да присуствуваат на настанот што го одбележа завршувањето на уште една значајна фаза од изградбата на еден од најпознатите верски и архитектонски симболи во светот.

Церемонијата ја водеше папата Лав XIV, кој служеше посебна миса по повод стогодишнината од смртта на Гауди – архитектот кој посвети повеќе од четири децении од својот живот на дизајнирање и изградба на базиликата.






На прославата присуствуваа околу 120.000 посетители, а атмосферата беше исполнета со музика, дронови, светлосни ефекти и импресивен огномет што го осветли небото над каталонската престолнина.

Централниот момент на свеченоста беше благословот на новата Кула на Исус Христос, највисоката кула на базиликата, со што „Саграда Фамилија“ официјално стана највисоката црква во светот.

По богослужбата, осветлениот керамички крст поставен на врвот од новата кула беше благословен пред насобраните граѓани и гости. Во меѓувреме, витражите на базиликата беа претворени во спектакуларен мозаик од бои благодарение на специјалното светлосно шоу, создавајќи глетка што ги воодушеви присутните.

Настанот заврши со величествен огномет што беше лансиран директно од фасадата на базиликата, претворајќи ја ноќта во незаборавен спектакл.

На свеченоста присуствуваа и шпанскиот крал Фелипе, кралицата Летиција, премиерот Педро Санчез, како и бројни домашни и странски гости, поради што беа преземени засилени безбедносни мерки низ целиот реон околу базиликата.

„Саграда Фамилија“, која со децении претставува еден од најпосетуваните симболи на Шпанија, со новата кула добива уште поголемо историско и архитектонско значење, дополнително зацврстувајќи го својот статус како едно од највпечатливите светски градби.

Храмот е замислен со 18 кули: 12 за апостолите, четири за евангелистите, една за Богородица и највисоката, централна кула, посветена на Исус Христос. Таа кула е крунисана со голем крст од стакло и бела керамика, висок околу 17 метри, кој треба да свети над Барселона.

Гауди внимавал и на висината. Кулата е висока 172,5 метри, намерно пониска од ридот Монжуик. Според познатото толкување на неговата замисла, човечката творба не треба да ја надмине Божјата природа.

Благословувањето на Кулата на Исус Христос се одржа точно на сто години од смртта на Гауди. Настанот ја претвори Барселона во центар на архитектонско, верско и културно внимание, бидејќи со него базиликата ја доби својата највисока точка и највидливиот симбол на проектот.

Ова не беше „отворање“ во класична смисла на зборот. Саграда Фамилија е отворена за богослужба уште од 2010 година, кога папата Бенедикт Шеснаесетти ја освети и ја прогласи за мала базилика. Но 2026 година го означи моментот кога храмот конечно ја доби вертикалата што Гауди ја замислил како духовен и архитектонски врв.

Поврзани содржини