ПРЕСВРТ ВО СЛУЧАЈОТ „МИЛИЌ“, ОТФРЛЕН ДЕЛ ОД ПРИЈАВАТА Началникот не бил во фамозниот белградски ресторан „27“ во време на убиството на Баја
Белградското Вишо јавно обвинителство соопшти дека нема основи за сомневање дека поранешниот началник на белградската полиција му помагал на сторител по извршено кривично дело, но продолжува да проверува дали пропуштил да го пријави убиството, иако знаел за него.
Вишото јавно обвинителство во Белград ја отфрли кривичната пријава против поранешниот началник на Полициската управа за град Белград, Веселин Милиќ, во делот во кој му се ставаше на товар кривичното дело помагање на сторител по извршено кривично дело, бидејќи, како што наведува обвинителството, не постојат основи за сомневање дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност.
Во делот од пријавата што се однесува на кривичното дело непријавување на кривично дело и сторител, обвинителството соопшти дека продолжува со преземање доказни дејствија.
Од обвинителството наведуваат дека во рамки на истрагата за тешкото убиство на А.Н., извршено на 12 мај 2026 година во ресторанот „27“, биле анализирани снимки од надзорни камери од адресите на оштетениот и на осомничениот Веселин М., како и снимки од локалот „Кофи Дрим“. Дополнително биле проверени податоци од базни станици, извршени вештачења на телефоните на припадниците на обезбедувањето на осомничениот, како и анализа на исказите на сведоците, одбраната на осомничениот и други докази.
„Неспорно и недвосмислено е утврдено дека Веселин М. не бил, ниту можел да биде на местото на настанот, односно во ресторанот ‘27’“, се вели во соопштението на обвинителството.
Во однос на сомневањата за непријавување на кривично дело и сторител, обвинителството наведува дека досега собраните докази укажуваат на основано сомнение дека Веселин М. во ноќта меѓу 12 и 13 мај бил телефонски известен од сопственикот на ресторанот, осомничениот Н.Л., за случувањата во објектот, во кој во тој момент имало и други гости.
Според обвинителството, иако дознал за кривични дела кои се гонат по службена должност, тој не ги пријавил до надлежните органи, иако бил должен да го стори тоа.
Обвинителството додава дека веќе презело повеќе доказни дејствија и наложило соодветни вештачења за да се утврдат сите околности на случајот, а понатамошниот тек на постапката ќе зависи од содржината на доказниот материјал што дополнително ќе биде доставен.
„НЕ НОСИ ОБЕЗБЕДУВАЊЕ“ Началникот го намамил Баја во ресторанот во Белград?