ГРАЃАНИТЕ ЌЕ КОРИСТАТ МОБИЛНИ УСЛУГИ БЕЗ ДОПОЛНИТЕЛНИ ТРОШОЦИ ВО ЕУ Македонија се приклучува кон иницијативата „Роаминг како дома“

Македонија се приклучува кон иницијативата „Роаминг како дома“, со која граѓаните ќе користат мобилни услуги во ЕУ без дополнителни роаминг трошоци.

1,213

За Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ главен приоритет се интересите на македонските граѓани, а направен е уште еден значаен чекор од кој директна придобивка ќе имаат токму граѓаните на Република Македонија, истакна на прес-конференција Драгана Бојковска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.

Таа посочи дека станува збор за „конкретен, видлив и практичен чекор кон европската иднина на Македонија“, преку приклучување кон иницијативата „Роаминг како дома“.






– Оваа иницијатива директно ги засега граѓаните, компаниите, студентите, работниците, македонската дијаспора и сите оние кои патуваат или комуницираат со земјите од Европската Унија – изјави Бојковска.

Со новиот модел, граѓаните ќе можат да користат мобилни услуги, повици, СМС-пораки и интернет без дополнителни роаминг трошоци, односно под услови еднакви со домашните тарифи.

– Поконкретно, добиваме помали трошоци за граѓаните, полесна комуникација со семејствата, пријателите и деловните партнери во Европа, подобри услови за компаниите и поевтина прекугранична соработка – додаде таа.

Според Бојковска, Владата во изминатиот период презела сериозни чекори за усогласување на домашното законодавство со европските регулативи во областа на електронските комуникации.

Таа појасни дека биле изработени четири гап-анализи, врз основа на кои е подготвен законски текст за измени и дополнувања на Законот за електронските комуникации.

– Нацрт-законот беше објавен на ЕНЕР на 20 јануари 2026 година, по што беше спроведена владина постапка. На 24 февруари 2026 година беше утврден текстот на Предлог-законот – истакна Бојковска.

Со тоа, како што додаде, Владата го заокружила клучниот дел од подготовките за приклучување кон иницијативата „Роаминг како дома“.

Таа информираше и дека на 4 јуни 2026 година Советот на Европската Унија го одобрил отпочнувањето преговори со земјите од Западен Балкан за проширување на режимот „Roam Like at Home“, што отвора простор за секторски преговори со Европската комисија.

– Ова е исклучително значаен чекор, затоа што ја отвора вратата за преговори со секоја од земјите од регионот, вклучително и Македонија – нагласи таа.

Дополнително, најави дека на 12 јуни 2026 година ќе се одржи состанок со министри од Западен Балкан и претставници на Европската комисија, на кој ќе се разговара за следните чекори и подготвеноста на земјите.

– Ова значи дека Македонија не доцни и дека е подготвена. Ова е директен показател дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ испорачува резултати – рече Бојковска.

Таа порача дека ова е пример за вистинска европска интеграција со конкретни придобивки за граѓаните.

– Помалку празни зборови, а повеќе резултати, конкретни решенија и работа – додаде пратеничката.

На крајот, Бојковска истакна дека Владата продолжува со дигитална трансформација и европско усогласување со цел подобрување на животниот стандард на граѓаните.

– Ова е успех за граѓаните на Македонија. Продолжуваме посветено, одговорно и со резултати – заклучи таа.

Поврзани содржини