ОТВОРЕН 60. МТФ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“ Сè додека има сцена, публика, приказни, театарот ќе опстане

По официјалниот дел на програмата, настапи Драмскиот театар со претставата „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски.

26

Достоинствена и емотивна вечер сведочеше синоќа публиката во гледалиштето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп и целата македонска нација преку директниот пренос на МТВ1, на свеченото отворање на 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Вечерва беше во знакот на паметењето и колку е тоа важно за секоја култура. Во таа чест беше и проекцијата на документарецот посветен на 60 години фестивал, во кој театарски уметници и работници што оставиле белег низ годините, зборуваа за неговото значење.

Со бурни аплаузи што траеја и по неколку минути беа поздравени лауреатите на наградите за животно дело и членови на нивни семејства. Атила Клинче, Веби Ќерими, Сашо Миленковски и Љубомир Чадиковски.






Покровителката на фестивалот, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со голема пиетет кон лауреатите и се обрати на публиката и го прогласи фестивалот за отворен.

– Фестивалот „Војдан Чернодрински“ е симбол на творечка енергија, уметничка храброст и ненаситна љубопитност за нови сценски дострели коишто инспирираат, многупати вознемируваат, провоцираат, но и облагородуваат. Денес, во време на брзи слики и куси сеќавања, театарот нè повикува не само да гледаме, туку и да чувствуваме и да проникнуваме во себе – рече Сиљановска-Давкова.

Отворањето на Фестивалот го поздрави и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

– Еден град без театар навистина е град без душа. А културата, колку и да е скапа, секогаш е поевтина од некултурата што доаѓа по неа. Објектот на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ е затворен од март лани поради сериозни безбедносни недостатоци. Тоа е недозволива состојба. Проектот за целосна реконструкција на Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп е подготвен и ќе го реализираме – рече Љутков.

Уметничкиот директор на фестивалот, Ана Стојаноска им се заблагодари на сите пријатели и поддржувачи на фестивалот.

По официјалниот дел на програмата, настапи Драмскиот театар со претставата „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски.

На свеченото отворање во салата му претходеше изложбата на артефакти од секаков тип во чест на јубилејот, што започна со перформанс на студентите на ФДУ, според текстови на Дејан Дуковски, а во режија на Шенај Мандак. Изложбата продолжи кон Музејот на икони, па Саат-кулата, Рекламите и симболично во холот на „Марко Цепенков“. Прилепчани беа видно емотивни, особено членовите на семејствата на основачите. Автори на изложбата се Ана Стојаноска и Звонко Димоски.

Најава за 6 јуни

На вториот ден публиката ја очекува богата програма. Програмата „Драмолетање“ започнува во 11 часот во кино „Мис Стон“. Веќе традиционалните разговори на тркалезна маса ќе се случуваат еден час подоцна со екипата на претставата „Мачкина глава“. Изложбата „Прилеп во фокус“ во чест на Лидија Иваноска, Трајче Иваноски и Благоја Ивчески, ќе биде отворена во кафе-барот „Тротоар“ во 18 часот и во кафе-галеријата „Лувр“ во 18.30 часот.

Две претстави се вечер на програмата – „Црнила“ според Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски, на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, а во 21 часот ќе следува „Калигула“ во режија на Ѓорѓи Ризески, продукија на Народниот театар од Куманово.

Поврзани содржини