ЕМ ИРАН, ЕМ ОМАН ВО ТЕСНЕЦОТ Со Ормуз ќе раководат две држави, вели Арагчи

Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи порача дека конечните одлуки за Ормускиот Теснец треба да ги носат двете држави што граничат со стратешкиот поморски премин.

155

Иран и Оман треба заеднички да одлучуваат за управувањето со Ормускиот Теснец, еден од најважните поморски коридори во светот, изјави министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи.

Според него, двете земји имаат природно право да ги носат клучните одлуки бидејќи единствени граничат со Теснецот низ кој минува голем дел од светската трговија со нафта.






„Конечниот збор е наш“

Арагчи изјави дека Техеран ќе продолжи да разговара со другите земји од Персискиот Залив за прашањата поврзани сот Теснецот.

Сепак, нагласи дека конечните одлуки за неговото управување треба да ги носат Иран и Оман.

– Како држави што граничат со Ормускиот Теснец, имаме природно право да ги координираме и носиме одлуките поврзани со неговото управување – порача Арагчи.

Фокусот е на безбедноста на пловидбата

Шефот на иранската дипломатија рече дека двете земји работат на обезбедување безбедно движење на бродовите низ теснецот.

Тој нагласи дека тоа треба да се прави во согласност со меѓународното право и правилата за поморски сообраќај.

Ормускиот Теснец е клучна поморска рута што ги поврзува Персискиот Залив и Оманскиот Залив. Низ него секојдневно минува значителен дел од глобалниот извоз на нафта и течен природен гас.

Порака и за внатрешната политика

Во истото интервју Арагчи се осврна и на состојбите во Иран.

Тој изјави дека комуникацијата со врховниот лидер Моџтаба Хамнеи се одвива непречено и дека неговите насоки навреме се пренесуваат до државните институции.

Според Арагчи, постои широк национален консензус околу државното раководство и работите се движат во добра насока.

Поврзани содржини