📽️ ПОЖАР ГО ОПУСТОШИ НАЈМОЌНИОТ АМЕРИКАНСКИ НОСАЧ НА АВИОНИ Морнари откриваат што се случувало на „УСС Џералд Р. Форд“

Си-Ен-Ен објави ексклузивни снимки од внатрешноста на „УСС Џералд Р. Форд“, кои покажуваат далеку поголема штета од пожарот отколку што претходно призна американската морнарица. Морнарите 30 часа се бореле со огнената стихија, а автоматскиот систем за гаснење наводно откажал.

1,011

Ексклузивни снимки до кои дојде Си-Ен-Ен откриваат сериозна штета на американскиот носач на авиони „УСС Џералд Р. Форд“, откако во март избувнал пожар на бродот за време на воените операции на САД во регионот на Блискиот Исток.

Иако американската морнарица тогаш соопшти дека пожарот бил брзо локализиран, дека двајца морнари биле полесно повредени и дека носачот останал целосно оперативен, новите снимки покажуваат многу поинаква слика.






На видеата од внатрешноста на бродот се гледаат целосно уништени простории во кои бил сместен екипажот. Од креветите останале само изгорени метални конструкции, таваните се сериозно оштетени, а електрични кабли висат од ѕидовите и плафоните. Подовите се покриени со пепел и остатоци од пожарот.

„Сериозно мислев дека ќе го изгубиме бродот. Во таква ситуација имате само два избора – да се борите или да умрете“, изјавил еден од морнарите за Си-Ен-Ен, опишувајќи ги драматичните часови додека екипажот се обидувал да го стави огнот под контрола.

Според информации на американската телевизија, дополнителен проблем претставувал фактот што автоматскиот систем за гаснење пожар не функционирал. Висок американски функционер запознаен со случајот потврдил дека морнарите биле принудени рачно да се борат со пламените јазици за да спречат уште поголема катастрофа.

Пожарот траел речиси 30 часа, а екипажот водел долготрајна битка за спасување на најголемиот и најсовремен носач на авиони во американската флота.

Според истиот извор, раководството на морнарицата намерно ја минимизирало сериозноста на инцидентот за да не се создаде впечаток дека борбените способности на бродот биле нарушени во чувствителен момент од конфликтот со Иран.

Подоцна, во април, командантот на поморските операции, адмиралот Дарил Кодл, призна дека биле потребни речиси два дена за повторно да се воспостави можност за полетување на авиони од палубата на носачот. Воедно, „УСС Џералд Р. Форд“ морал да ја промени својата рута и итно да се закотви во пристаниште во Грција, каде биле извршени привремени поправки.

„УСС Џералд Р. Форд“ е најновиот и најскапиот носач на авиони во историјата на американската морнарица и се смета за еден од најважните симболи на воената моќ на САД.

Поврзани содржини