МАКЕДОНСКИТЕ НАУЧНИЦИ ЌЕ СОРАБОТУВААТ СО АВСТРИСКИ ПАРТНЕРИ Одобрени 14 проекти со висок развоен потенцијал

Министерството за образование и наука ќе финансира 14 македонско-австриски научноистражувачки проекти во областите ИКТ, енергетика, паметно земјоделство и индустрија 4.0. За секој проект се обезбедени по 600.000 денари.

77

Министерството за образование и наука ќе го финансира спроведувањето 14 заеднички македонско-австриски научноистражувачки проекти во области со висок развоен потенцијал, дефинирани во Стратегијата за паметна специјализација на државата – соопшти денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска на прес-конференција по повод потпишувањето на договорите со носителите на проектите.

Јаневска информира дека проектите ќе се реализираат во областите паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност, информациски и комуникациски технологии, електромашинска индустрија, индустрија 4.0, одржливи материјали и паметни згради, енергија и туризам.






Министерката посочи дека проектите се избрани на јавен конкурс објавен во септември минатата година во согласност со договорот меѓу владите на Македонија и Австрија за научна и технолошка соработка од 2008 година.

– На конкурсот беа доставени вкупно 18 проекти изработени преку партнерства на државни и приватни универзитети, јавни и приватни научни институции и факултети од двете земји. По рецензирањето од македонска и австриска страна, беше утврдено дека 14 проекти ги исполнуваат условите и критериумите за финансирање – рече Јаневска.

Од прифатените проекти, девет се реализираат под водство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, три на Универзитетот „Гоце Делчев“, а по еден проект имаат Меѓународниот балкански универзитет и Приватен институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени.

Според класификацијата на научно-истражувачките подрачја, шест од избраните проекти се од областа на инженерството и технологијата, пет од природно-математичките науки, два од земјоделските и ветеринарните науки и еден од општествените науки.

Јаневска нагласи дека ова не е прв циклус на ваква соработка, но дека за првпат приоритет им е даден на проектите од техничките и природно-математичките науки, односно на областите што се препознаени како клучни за економски развој преку Стратегијата за паметна специјализација.

За секој од проектите Министерството ќе обезбеди по 600.000 денари, а рокот за нивна реализација е две години, од 1 јули 2026 до 1 јули 2028 година.

– Договорите за финансирање ги потпишавме денес со носителите на проектите. Им честитам за вмрежувањето со австриската академска и научна заедница, за заедничкиот вложен труд и за изборот да бидат финансирани. Им посакувам успех и траен печат во областите во кои ќе делуваат – рече Јаневска.

Во име на носителите на проектите се обрати деканот на Градежниот факултет при УКИМ, Јосиф Јосифовски, кој оцени дека соработката со австриските институции претставува значајна можност за подигнување на квалитетот на високото образование и научно-истражувачката работа.

– Се вмрежуваме со држава која предничи во образовните и техничките области. Ова е начинот преку кој сметаме дека ќе се подигне квалитетот на високото образование и се надеваме дека во иднина ќе има уште многу вакви билатерални договори со други европски држави – рече Јосифовски.

Во конкретниот случај, вели, се воспоставува соработка со технички факултет во Виена, кој е меѓу најпрестижните европски високообразовни институции, а проектните активности ќе бидат насочени кон енергетската ефикасност на објектите и прашањата поврзани со климатските промени.

Одговарајќи на новинарско прашање, Јаневска истакна дека ваквите проекти придонесуваат за поголема меѓународна видливост на македонските универзитети.

– Постојано зборуваме дека имаме квалитетни луѓе на универзитетите и дека треба да вложуваме во науката, но и дека тоа што се работи на универзитетите треба да стане видливо. Ова е дел од процесот на подигнување на квалитетот и видливоста на нашите универзитети. Во сите проекти се вклучени тимови истражувачи, а вообичаено во работата учествуваат и студенти, кои на тој начин стекнуваат практично искуство за нивната понатамошна професионална кариера – рече Јаневска.

Поврзани содржини