🎥 КАРА ДЕЛЕВИЊ ЗА ПРВПАТ ОТВОРЕНО ЗБОРУВА ЗА НАЈМРАЧНИОТ ПЕРИОД ВО ЖИВОТОТ Манекенката признава дека во еден момент користела ЛСД речиси секој ден

Во едно од нејзините најискрени интервјуа досега, таа ја отвори вратата кон најтемниот дел од својот живот и призна дека почнала да експериментира со дрога уште како тинејџерка.

102

Британската манекенка и актерка Кара Делевињ стана симбол на успех во светот на модата и филмот во последниве години. Сепак, зад гламурот, насловните страници и холивудските премиери, се крие приказна за тешка борба со зависноста, менталното здравје и самоубиствените мисли. Во едно од нејзините најискрени интервјуа досега, таа ја отвори вратата кон најтемниот дел од својот живот и призна дека почнала да експериментира со дрога како тинејџерка.

Гостувајќи во популарниот подкаст „Call Her Daddy“, Делевин откри дека на 14-годишна возраст пронашла начин да набави дрога без многу трошоци. Почнала да купува поголеми количини, кои потоа делумно ги препродавала. На овој начин, ја финансирала сопствената зависност без да мора да троши големи суми пари.






Потсетувајќи се на тој период, таа призна дека во тоа време не била свесна колку длабоко тоне во проблемот. На почетокот, сè изгледало како начин да се вклопи во општеството и да избега од секојдневните притисоци. Но, многу брзо, линијата помеѓу повремената забава и сериозната зависност целосно исчезнала.

Според неа, еден од моментите кога сфатила дека работите излегуваат од контрола бил кога почнала да зема дрога сама. Токму осаменоста ѝ дозволила да избега од чувствата на несигурност, страв и внатрешни конфликти што ја придружувале уште од детството.

Актерката позната по своите улоги во филмовите „Paper Towns“ и „Suicide Squad“ признала дека консумирањето ѝ давало привремено чувство на олеснување. Неколку часа, чувството на несоодветност, притисокот и емоционалниот товар што ги носела поради семејните околности исчезнале. Дрогата ѝ давала привид на слобода од проблемите со кои не знаела како да се справи.
Со текот на времето, консумирањето станувало сè поинтензивно. Делевињ признава дека во еден момент користела ЛСД речиси секој ден. Последиците биле сериозни и опасни. Почнала да доживува интензивни халуцинации што целосно ја исклучувале од реалноста.

Таа опишала моменти кога повеќе не можела да прави разлика помеѓу тоа што е вистинско, а што не. Во еден момент, таа верувала дека нејзиниот татко е божествено суштество, додека мајка ѝ ја гледала како закана за светот. Денес, таа признава дека во тоа време целосно ја изгубила контролата врз сопствениот живот и ментална состојба.

Пресвртницата се случила во 2022 година, кога во светските медиуми беа објавени фотографии на кои изгледаше исцрпено и дезориентирано. Иако јавноста шпекулираше за нејзината состојба, малкумина знаеја колку сериозна внатрешна битка водела.

Истата година, таа се приклучила на програма за закрепнување од 12 чекори, што било почеток на нов живот за неа. Клучниот момент се случил за време на нејзиниот престој на фестивалот Burning Man. Сама во својата хотелска соба, случајно ја слушнала песната која се свирела на погребот на пријател кој починал од предозирање.

Тој момент ја принудил да се соочи со сопствената реалност. Сфатила дека е на пат што може да заврши трагично. Решила да ги фрли сите дроги што ги имала и сериозно да побара помош за првпат.

Но, борбата не била само против зависноста. Делевињ откри дека за време на врвот на нејзината кариера се соочила и со самоубиствени мисли. Парадоксално, токму во моментот кога јавноста веруваше дека таа има сè – успешна кариера, слава и богатство – се чувствувала  најосамено.

Таа призна дека чувствувала длабока вина и верување дека не го заслужувала успехот што го постигнала. Таквите чувства ја довеле многу блиску до самоубиство. Денес, таа отворено зборува за тој период за да покаже дека менталните проблеми не избираат општествен статус или ниво на успех.

Музиката одиграла голема улога во нејзиното закрепнување, како и поддршката од партнерката позната како Минке. Нивното повторно поврзување ѝ донело чувство на сигурност што долго време го немала.

Нејзината искреност со блиските ѝ помогнала да престане да ги крие своите проблеми и да го започне процесот на лекување. Денес, четири години по последната употреба на дрога, Кара Делевињ отворено зборува за своето искуство. Нејзината приказна стана моќна порака за важноста на менталното здравје, навремената помош и можноста за закрепнување дури и кога се чини дека нема излез. Наместо да го крие своето минато, таа одлучи да го претвори во предупредување и инспирација за сите што се соочуваат со слични предизвици.

 

Поврзани содржини