МАКЕДОНИЈА Е ЈАСНО ПРЕПОЗНАЕНА КАКО ЕВРОПСКА ДРЖАВА Нацрт-извештајот испраќа важна политичка порака, оцени ВМРО-ДПМНЕ

Нацрт-извештајот ја потенцира потребата процесот на пристапување да биде предвидлив, кредибилен, фер и заснован на заслуги.

0

Нацрт-извештајот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент за Македонија, кој се однесува на периодот до ноември 2025 година, содржи повеќе важни и позитивни оценки за државата, оцени ВМРО-ДПМНЕ.

„Нацрт-извештајот испраќа важна политичка порака: Македонија останува јасно препознаена како европска држава, посветена на реформите, регионалната стабилност и стратешкото партнерство со ЕУ и НАТО. Истовремено, документот ја потенцира потребата процесот на пристапување да биде предвидлив, кредибилен, фер и заснован на заслуги“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.






Во документот се реафирмира целосната поддршка за членството на Македонија во Европската Унија, врз основа на јасен, мерлив и фер пристап, како и признание за посветеноста на државата кон европската интеграција и реформскиот процес. Особено значајно е што се нотира дека Македонија е една од земјите со најдолг кандидатски статус и дека повторените одложувања на почетокот на преговорите негативно влијаеле врз перцепцијата на граѓаните за европската перспектива.

Извештајот повикува на зачувување на предвидливоста и кредибилитетот на процесот на проширување.

Особено позитивен елемент е формулацијата дека јазичниот, културниот и националниот идентитет се темелни основи на секоја држава и не треба да бидат доведувани во прашање од трети страни.

Дополнително, се истакнува дека ваквите прашања не треба да влијаат врз процесот на пристапување во ЕУ, кој мора да се темели на објективни критериуми, мерит-системот, европските вредности и Копенхашките критериуми.

Во текстот се нагласува и дека билатералните спорови треба да се решаваат преку отворен дијалог, соработка во добра волја и во согласност со меѓународното право, а не да се инструментализираат во процесот на пристапување.

Извештајот ја поздравува стабилноста на меѓуетничките односи, имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, како и напредокот во подготовката на патоказите за јавна администрација и владеење на правото како дел од отворањето на кластерот „Фундаментални вредности“. Позитивно се нотираат и умерениот напредок во реформата на јавната администрација и дигиталната трансформација, вклучително и законодавството за електронска идентификација.

Дополнително, се поздравуваат првите чекори во спроведувањето на Реформската агенда и Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, интеграцијата на Македонија во географскиот опфат на СЕПА, како и предлогот за проширување на режимот „роаминг како дома“ кон земјите од Западен Балкан.

Во делот на регионалната соработка и надворешната политика, извештајот ја поздравува значајната улога на Македонија во регионалната стабилност, Берлинскиот процес, Заедничкиот регионален пазар и Планот за раст. Се истакнува и силното и долгогодишно усогласување со заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика на ЕУ, геостратешкото значење на Македонија како членка на НАТО, како и подготвеноста за продлабочување на соработката со ЕУ преку Безбедносното и одбранбено партнерство.

 

Поврзани содржини