ВО СООБРАЌАЈОТ ЗАГИНАЛЕ 39 ЛУЃЕ ВО ПРВИТЕ 5 МЕСЕЦИ, А ЛАНИ ВО ИСТИОТ ПЕРИОД – 56 Бројот на жртвите е намален со примената на „Сејф сити“

Од 12 жртви во сообраќајот во текот на мај, 5 се мотоциклисти, соопшти министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и апелираше да носат кациги.

68

Бројот на жртви како последица на непочитување на сообраќајни правила во првите 5 месеци годинава е намален со примената на системот „Безбеден град“, вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Резултатите за првите 5 месеци годинава се 17 човечки животи повеќе, отколку една година претходно, рече тој.






Тој направи споредба првите 5 месеци од 2026 година, со првите пет месеци во 2025 година, иако „Безбеден град“ со казни почна да се применува од февруари годинава, а пробниот период почна во декември 2025 година.

– Сите загинале како последица на непочитување на сообраќајни правила. Во 2025 година во првите 5 месеци имаше 56 жртви, во 2026 – 39. Неспорен факт. Колку чини еден човечки живот, јас не знам – изјави Тошковски во гостување на Телма.

МВР, нагласи Тошковски, две години макотрпно работеше на овој проект којшто е најгорлив за македонските граѓани кога е во прашање безбедноста.

– Ова е систем за којшто се потребни повеќе од 5 месеци за да ги даде посакуваните резултати – изјави Тошковски.

Тој најави дека првите чекори коишто ќе следат во делот на странските возила ќе бидат видливи за еден месец.

– Дали камерите регистрираат странски таблички – да. Дали ќе бидат предмет на казнување – да. Дали се во системот – да. Како ќе го подобриме процесуирањето ќе видат македонските граѓани за брзо, меѓутоа работиме интензивно и на тоа – изјави Тошковски.

Министерот сподели загрижувачка статистика за изминатиот месец, според која од 12 жртви во сообраќајот, дури 5 се мотоциклисти.

Тој најави дека полицијата ќе дејствува „максимално репресивно“ кон оние кои „дивеат“ по улиците.

– За тројца од загинатите мотоциклисти сум сигурен дека не носеле кацига. Ги замолувам сите кои управуваат мотор – секогаш носете кацига! Кацигата не се носи заради другиот, туку заради себе, таа спасува живот – потенцираше Тошковски.

Во врска со електричните тротинети, кои се посочени како огромен безбедносен предизвик, министерот Тошковски рече дека веќе се консултирал со голем број амбасадори за искуствата од нивните земји и најави законски измени.

Поврзани содржини