ОД ДЕНЕСКА НОВО СРЦЕ ЧУКА ВО 52-ГОДИШЕН ПАЦИЕНТ Пресаден и бубрег кај 23-годишно момче

552

На две лица им се пресадени органи од донор во последното деноноќие, соопшти Министерството за здравство.

„Во градите на 52-годишен пациент, кој од 2021 година со нетрпение и верба чекаше на националната листа за трансплантација – од денеска чука ново срце. Симбол на нов живот, нов почеток и неизмерна благодарност. Истовремено, 23-годишно момче доби бубрег и со него, шанса за поквалитетен живот. Донирани се и коскени ткива, уште еден исклучителен дар, кој ќе помогне во лекување и обновување на живот“, соопшти Министерството.






Оттаму додаваат дека кога болката е неиздржлива, а зборовите немаат сила, постојат луѓе кои наоѓаат сила да ја донесат можеби најхуманата одлука.

„Токму тоа го стори едно семејство, кое во најтешките мигови од својот живот одлучи да подари живот на другите. Со оваа исклучителна одлука за органдонорство, нивниот сакан продолжува да живее во срцата, телата и насмевките на луѓе кои повторно имаат шанса“, соопшти Министерството.

Министерот за здравство Азир Алиу изрази најдлабока почит за храброто семејство.

– Нивната одлука за нас е патоказ при креирање на идните политики. Благодарност до сите здравствени работници чија посветеност, експертиза и професионалност ја имаа оваа благородна мисија за нова надеж и нов живот – додаде тој.

– Огромна почит до семејството на починатиот донор, кое со оваа храбра одлука одлучи да го промени крајот на нечија приказна. Кога сме сплотени и имаме една ваква хумана мисија, заеднички и тимски може да поместуваме граници – рече проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.

Пациентите што добиле органи се во стабилна состојба.

Поврзани содржини