ИСПЛАТЕНА Е ЕВРООБВРЗНИЦАТА ОД 700 МИЛИОНИ ЕВРА Димитриеска-Кочоска информира дека следните 4 години ќе треба да се отплатат 9 милијарди евра

Во однос на идните обврски, Димитриеска - Кочоска посочи дека државата ќе се соочи со значајни износи за отплата во следните години.

49

Министерството за финансии ја заокружи отплатата на еврообврзницата издадена во 2020 година во износ од 700 милиони евра, со што во целост е исполнета обврската кон инвеститорите, информираше министерката Гордана Димитриеска – Кочоска, нагласувајќи дека процесот е реализиран навремено, со претходно планирани средства и со заштеди на камати.

Димитриеска – Кочоска појасни дека отплатата е спроведена во неколку фази, при што дел од обврската е предвреме сервисирана, а остатокот исплатен согласно рокот на достасување.






– Официјално е заокружена исплатата на еврообврзницата издадена во 2020 година во вкупен износ од 700 милиони евра. Со тоа, во целост ја исполнивме оваа обврска кон инвеститорите. Средствата од наша страна беа исплатени уште минатата недела, а веќе денеска тие се пристигнати на сметките на инвеститорите – изјави Димитриеска – Кочоска.

Таа потсети дека во февруари годинава Владата пристапила кон предвремена отплата на дел од обврзницата, со цел да се намалат трошоците.

– Како што е познато, во февруари годинава предвреме отплативме дел од оваа еврообврзница во износ од 383,7 милиони евра. Нашата цел беше со средствата обезбедени преку еврообврзницата издадена во јануари 2026 година да извршиме предвремен откуп и на тој начин да оствариме заштеди по основ на камати. На тој начин во буџетот заштедивме 3,2 милиони евра – рече министерката.

Преостанатиот дел од долгот, како што посочи, не бил предвреме откупен поради одлука на дел од инвеститорите.

– Преостанатиот дел од еврообврзницата во износ од 316,3 милиони евра главница не можеше да биде предвреме откупен бидејќи дел од инвеститорите не ја прифатија таа можност и поради тоа, а согласно рокот на достасување, сега беа исплатени вкупно 327,9 милиони евра, од кои 316,3 милиони евра главница и 11,6 милиони евра камата – изјави Димитриеска – Кочоска.

Министерката посочи дека отплатата е дел од поширока стратегија за редовно сервисирање на обврските, во услови на економска неизвесност.

Таа информира дека од средината на 2024 година до денес се сервисирани значителни обврски.

– Она што е важно да го напоменам е дека од втората половина на 2024 година, кога ја презедовме одговорноста за управување со јавните финансии, па до денес, сервисирани се обврски во вкупен износ од 4,6 милијарди евра. Од нив, во втората половина на 2024 година беа исплатени 786 милиони евра, во текот на 2025 година 2,198 милијарди евра, а во текот на 2026 година 1,571 милијарди евра – изјави министерката.

Во однос на идните обврски, Димитриеска – Кочоска посочи дека државата ќе се соочи со значајни износи за отплата во следните години.

– И во наредниот период продолжува процесот на управување со обврските коишто доспеваат за отплата и се во износ од 9 милијарди евра, односно, во 2027 година 1,4 милијарда евра, во 2028 година 1,9 милијарди евра, 2029 година 1,1 милијарда евра, 2030 година 1,7 милијарди евра и 2031 година 1,2 милијарди евра – рече таа.

Министерката нагласи дека средствата за отплатата биле однапред обезбедени. Таа посочи дека економската политика се темели на внимателно задолжување и поддршка на развојот.

– Задолжувањата што ги реализираме се внимателно планирани и се насочени кон две цели – сервисирање на постојните обврски и обезбедување средства за развојни проекти и инвестиции. Тоа е концептот врз кој ја темелиме економската политика – рече Димитриеска – Кочоска.

Поврзани содржини