ПУКАШЕ КОН ПОЛИЦИЈАТА, ПА СЕ ЗАБАРИКАДИРА СО ДЕЦАТА Крај на драмата што траеше цела ноќ во Германија
По неколкучасовна полициска опсада во Дортмунд, 51-годишен маж кој рани полицаец се предаде на властите. Во станот со него биле и неговите три деца, кои се безбедно извлечени.
Мажот кој синоќа отвори оган кон полицијата во германскиот град Дортмунд и рани еден полицаец, рано утрово им се предаде на безбедносните сили по повеќечасовна драма што ја следеа специјални полициски единици и преговарачи.
Според германската полиција, осомничениот, 51-годишен маж, ноќта ја поминал забарикадиран во стан заедно со своите три деца. По неговото предавање, децата биле извлечени на безбедно и се во добра здравствена состојба.
Инцидентот започнал синоќа откако полицијата реагирала на итен повик упатен од жена. Кога полициските службеници пристигнале на местото на настанот, 51-годишникот отворил оган кон нив, по што се затворил во станот.
Во престрелката бил повреден еден полицаец, но благодарение на заштитниот елек се здобил само со полесни повреди.
На местото веднаш биле распоредени специјални полициски единици, а во текот на ноќта биле водени интензивни преговори со вооружениот маж. По неколку часа, тој решил да им се предаде на властите, со што драмата завршила без дополнителни жртви.
Мотивите за нападот засега не се познати и се предмет на истрага.
Германскиот весник „Билд“ објави дека децата наводно биле држени како заложници и дека осомничениот претходно предизвикал инцидент во ресторан. Сепак, полицијата досега не ги потврдила овие информации.