„ЛУД СИ, ЌЕ БЕШЕ ВО ЗАТВОР ДА НЕ БЕВ ЈАС“ Трамп му се развикал на Нетанјаху, Бен-Гвир порача: „Време е да му кажеме не“
Американскиот претседател Доналд Трамп во телефонски разговор го нарекол Бенјамин Нетанјаху „луд“ и тврдел дека го спасил од затвор, додека израелските власти возвратија дека нема да се откажат од нападите врз Хезболах и покрај притисокот од Вашингтон.
Американскиот претседател Доналд Трамп жестоко го нападнал израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поради ескалацијата на конфликтот во Либан, обвинувајќи го дека со своите потези го турка Израел во уште подлабока меѓународна изолација. Според американски извори, Трамп во телефонски разговор полн со навреди и остри зборови го нарекол Нетанјаху „луд“, потсетувајќи го дека му помогнал во периодот кога се соочуваше со судски процеси за корупција.
Разговорот се случил во момент кога тензиите на Блискиот Исток дополнително се зголемуваат, а Израел размислувал за нови напади врз цели на Хезболах во Бејрут.
Според двајца американски функционери и уште еден извор запознаен со разговорот, Трамп бил бесен поради израелските воени активности во Либан и му порачал на Нетанјаху дека заканите за бомбардирање на либанската престолнина дополнително ќе го изолираат Израел во светот.
– Луд си. Ќе беше во затвор да не бев јас. Ти го спасувам задникот. Сите те мразат сега. Сите го мразат Израел поради ова – му рекол Трамп на Нетанјаху, според американски функционер.
Друг извор тврди дека американскиот претседател во еден момент го прашал израелскиот премиер:
– Што по ѓаволите правиш?
Според информациите објавени од „Аксиос“, разговорот се случил откако Иран се заканил дека ќе ги прекине разговорите со САД поради израелските операции во Либан. Американската администрација стравувала дека евентуален напад врз Бејрут дополнително ќе ја влоши безбедносната состојба во регионот.
Извори од Вашингтон велат дека Трамп не го оспорувал правото на Израел да се брани од нападите на Хезболах, но сметал дека Нетанјаху во последните денови оди предалеку и непотребно ја продлабочува кризата. Американски претставници изразиле загриженост и поради големиот број цивилни жртви во Либан.
По интервенцијата на Трамп, израелски функционер изјавил дека Израел засега нема да изведува напади врз цели на Хезболах во Бејрут.
Сепак, само неколку часа подоцна следуваше порака дека Израел нема намера да се откаже од воените операции.
Нетанјаху објави дека разговарал со Трамп и му го пренел ставот на Израел дека доколку Хезболах продолжи со нападите врз израелските градови и граѓани, израелската армија ќе ги таргетира неговите позиции во Бејрут.
– Доколку Хезболах не престане да ги напаѓа израелските градови и граѓани, Израел ќе ги таргетира целите во Бејрут – порача Нетанјаху.
Тој нагласи дека Израелските одбранбени сили ќе продолжат со планираните операции во јужен Либан и покрај меѓународните повици за воздржаност и деескалација.
Уште поостар беше министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, кој отворено ја критикуваше одлуката на Трамп да ги запре планираните воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут.
– Време е да му се каже не на Трамп – изјави Бен-Гвир, додавајќи дека Израел мора да води независна безбедносна политика и да не дозволи надворешен притисок да влијае врз неговите воени одлуки.
Тој порача дека Израел треба да продолжи со нападите врз Хезболах, да ги постигне своите воени цели и да обезбеди безбедност за жителите на северниот дел од земјата.
Размената на остри пораки меѓу Трамп и израелското раководство открива сериозни несогласувања меѓу Вашингтон и Тел Авив околу начинот на кој треба да се води конфликтот со Хезболах, во време кога постои стравување дека судирите би можеле да прераснат во поширока регионална војна.