ЖЕШТИНА ЈА ЗАПАЛИ ИТАЛИЈА Дури и здрави луѓе се изложени на ризик
Италијанските власти прогласија највисок степен на предупредување за жештини во четири големи градови, додека температурите над 30 степени предизвикуваат здравствени ризици и воведување вонредни мерки.
Италијанското Министерство за здравство издаде највисоко ниво на предупредување за жештини за четири големи градови, додека бран топло време ја зафаќа земјата, со температури кои на многу места надминуваат 30 Целзиусови степени.
Највисокиот степен на предупредување е прогласен за четврток за Рим, Фиренца, Болоња и Торино, што значи дека дури и здрави луѓе би можеле да се соочат со негативни физички последици од невообичаено раната топлина за овој период од годината.
Италија веќе неколку дена се соочува со сончево време и речиси целосно ведро небо, при што температурите низ поголемиот дел од земјата се искачија многу порано од вообичаеното за овој период, пренесе ДПА.
Сепак, се очекува температурите да опаднат во петок, а според прогнозите ниту еден италијански град нема да остане под највисокото ниво на предупредување пред почетокот на викендот.
Во главниот град Рим, градоначалникот Роберто Гулатиери денеска потпиша уредба со која се воведуваат мерки насочени кон спречување пожари и управување со ризиците поврзани со топлинските бранови.
Меѓу мерките е предвидено големите јавни објекти опремени со системи за ладење да бидат отворени за жителите во деновите кога е во сила највисокото „црвено“ ниво на предупредување.
Уредбата предвидува и паузи во пладневните часови за градежните и земјоделските работници, кои ќе треба да престојуваат во разладени простории или под сенки, со обезбедена вентилација и системи за ладење таму каде што е потребно.
Италија во изминатите неколку лета забележа и смртни случаи меѓу градежни работници, кои беа поврзани со работа во екстремно високи температури.