ЕВРОПСКА НЕДЕЛА ЗА БОРБА ПРОТИВ РАКОТ (25-31 МАЈ) Во Македонија за онколошките пациенти секој ден е осамена војна

Онколошките пациенти во Македонија живеат во постојан страв, не само од болеста, туку во страв, дали ќе најдат доктор кој ќе биде расположен да ги прегледа и да им ги даде потребните одговори, да им ги расчисти дилемите и да им ја препише вистинската терапија, дали треба да дадат поткуп, дали ќе добијат термин за ехо, за магнет, за редовните анализи и снимки со кои се следи стадиумот на болеста или дали ќе имаат пари да го платат сето ова на приватно… И да, секој од нив е сам во својата секојдневна борба, среќен ако има барем семејство, оти од државата веќе одамна нема фајде.

31

Оваа недела (25-31 мај) се одбележува Европската недела за борба против ракот.

Во 2024 година, кај 2,7 милиони луѓе во Европската Унија беше дијагностициран рак, а 1,3 милиони луѓе починаа, вклучувајќи повеќе од 2.000 млади луѓе. Ако не дејствуваме сега, бројот на луѓе со дијагностициран рак ќе се зголеми за 24% до 2035 година, што ќе го направи ракот водечка причина за смрт во Унијата.






Експертите велат дека приближно 40% од случаите на рак може да се спречат: ефикасните стратегии за превенција на рак можат да спречат болести, да спасат животи и да го намалат страдањето.

Унијата може да работи заедно за да ги постигне следните цели:

– генерација без тутун: целта е помалку од 5% од населението да користи тутун до 2040 година
– намалување на штетната консумација на алкохол во согласност со Целите за одржлив развој на ООН и намалување на изложеноста на младите луѓе на рекламирање алкохол
– намалување на загадувањето на животната средина преку усогласување на стандардите за квалитет на воздухот на ЕУ со упатствата на Светската здравствена организација и намалување на изложеноста на канцерогени материи и зрачење
– зголемување на информациите и здравствената писменост за промовирање поздрав начин на живот.

Во јуни 2024 година беше усвоена нова препорака за поддршка на земјите-членки во нивните напори за спречување на ракот преку вакцинација.

Препораката е дел од Европскиот план за борба против ракот и главен столб на Европската здравствена унија и се фокусира на зголемување на опфатот со вакцинација со две клучни вакцини кои можат да спречат вирусни инфекции кои можат да предизвикаат рак – човечки папилома вирус (HPV) и хепатитис Б вирус (HBV) – и на подобрување на следењето на стапките на вакцинација.

Планот за борба против ракот во 2030 година има за цел:
Вакцинација против ХПВ: 90% од девојчињата и значително зголемување за момчињата
Вакцинација против ХБВ: Пристап до вакцини и поголема покриеност со вакцинација за сите
Подобрување на системите за рано откривање на рак: Раното откривање на рак преку скрининг може да помогне во спасувањето животи. Сепак, нееднаквостите во достапноста на вакви превентивни прегледи продолжуваат дури и во земјите-членки.

И иако секој мора да има исто право на висококвалитетна грижа, дијагноза и третман, еднаков пристап до лекови и еднаква шанса за лекување, без оглед на тоа каде живее, стапките на преживување од рак на дојка по третманот варираат за 20% од земја до земја, а стапките на преживување од рак на дебело црево по пет години се движат од 49% до 68%.

Се проценува дека, благодарение на напредокот во раното откривање, ефикасните терапии и поддржувачката нега, во Европа има повеќе од 12 милиони преживеани од рак, вклучувајќи околу 300.000 кои го  преболеле ракот во детска возраст.

Иако ова е причина за оптимизам, потребата од соодветна постоперативна нега и пристап до социјална заштита не треба да се заборави.

За жал, кај нас овие разлики се уште подрастични. Доволно е само еднаш да влезете на Онкологија за да се уверите дека третманот на онколошките пациенти е под секое достоинство, а нивниот број незапирливо расте.

Само што ќе стапнете таму ќе сфатите дека нема ниту воздух, ниту столчиња за да седнат сите оние изнемоштени и исплашени пациенти кои со часови чекаат за терапија или за преглед кој и кога ќе го дочекаат, обично трае пократко и од рекламен спот. Оттаму излегуваат уште позбунети, поисплашени и со безброј прашања на кои немаат одговори.

Десетици илјади пациенти се соочуваат со истите проблеми  при секое доаѓање на клиниката, која дневно опслужува и по 800 пациенти. Со кадар, кој е десеткуван, во простории што не можат да го издржат напливот на нови пациенти и со буџети кои не гарантираат дека секој ќе ја добие најдобрата достапна терапија. Настрана сомнежот во персоналот после сите оние афери и судски процеси.

Најтешко болните пациенти од внатрешноста мора да патуваат во Скопје, да даваат многу пари за контроли на приватно затоа што за нив нема термини во јавното здравство и на крај, кога веќе ќе влезат на Клиниката за онкологија, да стојат со часови додека да дојдат на ред за преглед и примање терапија.

Излез од ваквата состојба се гледа во нови вработувања, како и во дисперзија на болните по локалните центри, со што би се намалил притисокот на Клиниката за онкологија.

Болеста, метежот, стравот, несигурноста, сето ова ги прави луѓето нервозни, несреќни и им создава уште поголем стрес, токму она што најмалку им треба во ваква состојба.

Живеат во страв, дали на следното доаѓање ќе го има лекот што треба да го примат, дали докторот или докторката ќе бидат тука, дали ќе бидат расположени или нервозни и нетрпеливи, дали треба да дадат поткуп, дали ќе добијат термин за ехо, за магнет, за толку потребното снимање без кое не може да го отпочнат или да го продолжат лекувањето, за редовните анализи и снимки со кои се следи стадиумот на болеста, дали ќе имаат пари за да го платат сето ова на приватно… И да, секој од нив е сам во својата секојдневна борба, среќен ако има барем семејство, оти од државата веќе одамна нема фајде.

Поврзани содржини