И ПОКРАЈ ПРИМИРЈЕТО САД ИЗВРШИЈА НОВИ НАПАДИ НА ЈУГОТ НА ИРАН Централната команда соопшти дека делувала во самоодбрана
Иранската телевизија оцени дека е апсурдно САД да зборуваат за самоодбрана во услови кога во нивните напади врз Иран досега загинале, како што се наведува, 80.000 Иранци, од кои повеќе од 10.000 деца.
Американската војска соопшти дека извела напади врз југот на Иран, таргетирајќи локации за лансирање ракети и бродови кои, според Вашингтон, се обидувале да постават мини, и покрај актуелното примирје меѓу двете земји.
Централната команда на американската војска, Цент-ком, соопшти дека нападите биле изведени во „самоодбрана“ и имале цел да ги заштитат американските трупи од заканите што ги претставувале иранските сили.
„Американската војска продолжува да ги брани своите сили со воздржаност за време на тековното примирје“, изјавил портпарол на Цент-ком.
Додека официјален одговор од Техеран сѐ уште нема, иранските државни медиуми веќе жестоко реагираа на американските воздушни удари.
Државната телевизија ИРИБ ги осуди нападите, оценувајќи дека е контрадикторно САД да ги нарекуваат „самоодбрана“, додека, според нивните тврдења, во нападите биле убиени десетици илјади Иранци.
За ваквите бројки не беа понудени докази, а тие не се независно потврдени и значително ги надминуваат досегашните проценки.
Иранската новинска агенција ИРНА објави опширен коментар во кој се нагласува дека Иран излегол „силен и отпорен“ од конфликтот.
„Зацврстувањето на оваа победа и конечниот успех ќе се одвиваат не само на теренот, туку и во преговарачките соби и во управувањето со домашната економија“, се наведува во текстот.
ИРНА додава дека, според нивна анализа, „војната сѐ уште не е завршена“ и дека претстои „битка со зборови од која застанува здивот“ за време на преговорите.
We just found out that it is possible to kill 80,000 people, including more than 10,000 children, displaced 2 million people and call it self-defense! https://t.co/0zhgBuvuAR
— IRIB (Islamic Republic of Iran Broadcasting) (@iribnews_irib) May 26, 2026