„ПРИРОДНИТЕ ПОТЕНЦИЈАЛИ МОРА ОДГОВОРНО ДА СЕ КОРИСТАТ ЗА ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ“ Реакција на „И здравје и работа“ за рудникот Иловица – Штука

Локалната иницијатива „И Здравје и Работа“ реагира на дебатата околу „Иловица – Штука“, обвинувајќи дел од еко-активистите за ширење страв и блокирање на инвестиции, додека се отвора прашањето за иднината на економскиот развој и работните места во југоистокот на Македонија.

51

Очигледно, кога недостигаат аргументи – најлесно е да се создава магла. Наместо дебата со факти, дел од таканаречените „еко-активисти“ продолжуваат со кампања на страв, навреди и дискредитации кон секој што ќе се осмели да постави прашање дали Македонија треба да ги користи сопствените природни ресурси, дури и кога прашањето го отвора највисоката научна институција во државата – МАНУ.

Во прилог е соопштение од локалната иницијатива „И Здравје и Работа“ како одговор на ставовите изнесени од „Здрава Котлина“ во однос на потенцијалниот рудник „Иловица – Штука“.






Од иницијативата наведуваат дека дел од јавните настапи на активистите се темелат на, како што велат, ширење страв и неточни информации, наместо на стручна и научна дебата.

„Јавно се претставуваат како ‘глас на народот’, а всушност сè повеќе наликуваат на политички активисти чија единствена стратегија е – ако нема аргумент, измисли заговор“, стои во реакцијата.

Посебно се нагласува дека оспорувањето на научни анализи и стратегии изработени од академската заедница создава, како што се вели, опасен преседан во јавниот дискурс.

„Сега и на академците кои ја работеле Стратегијата за геолошки истражувања и минерални суровини им се кажува дека не знаат што зборуваат, а на медиумите кои ги пренесуваат заклучоците на МАНУ дека не знаат што пишуваат. Храбро, но далеку од разумот“, се наведува во соопштението.

Во реакцијата се реагира и на, како што се наведува, политизација на еколошките теми и закани кон институции и функционери.

„Дрскоста оди дотаму да ѝ се закануваат на министерката Сања Божиновска со кривична пријава. Тие подобро ги разбираат законите и од судовите и од министрите!?“, стои во текстот.

Од иницијативата поставуваат и прашања за економската иднина на регионот, особено за југоистокот на државата.

„Рудници не – ама што потоа? Најлесно е да се каже ‘не’. Не за рудници. Не за инвестиции. Не за индустрија. Но никој не нуди реален одговор: како ќе се развива југоистокот на Македонија?“, се наведува.

Според нив, без индустриски развој, ризикот од иселување и економска стагнација е уште поголем.

„Додека младите си заминуваат, додека цели населени места стареат и се празнат, се продава приказна дека регионот ќе преживее само од туризам и лозја. Убаво звучи, но реалноста е многу посурова“, стои во реакцијата.

Во текстот се критикува и, како што се наведува, ширењето на страв преку апокалиптични сценарија за рударството.

„Со години се шири истата матрица – заплашување, апокалиптични сценарија и етикетирање на секој што мисли поинаку. Се зборува за ‘отровен воздух’, ‘масовни труења’ и ‘катастрофи’, без да се прави разлика помеѓу модерно рударство и практики од минатото“, стои во ставот.

Во однос на употребата на цијанид, од иницијативата тврдат дека јавноста се манипулира со неточни информации.

„Се раскажуваат приказни за цијанид и отрови, а фактот дека цијанид не само што нема да се користи, туку е и забранет со Законот за минерални суровини, се игнорира бидејќи им ги урива напорите за ширење страв“, се наведува.

Во реакцијата се прави и споредба со европските и светските практики во рударството.

„Европа, САД, како и земјите во регионот како Грција и Бугарија отвораат нови рудници, бидејќи знаат дека без нив нема енергетика, батерии, електрични возила и зелена транзиција“, стои во текстот.

Од иницијативата посочуваат и дека одредени инвестиции се блокирани и покрај странски интерес.

„Само кај нас инвестиции од САД и Канада се држат во заложништво. Додека некои напаѓаат проекти од западни држави, молчат за други чие руско сопствеништво е докажано“, се додава.

Во реакцијата се наведува и дека дел од јавната дебата се претвора во, како што велат, лов на вештерки.

„Само кај нас секоја дискусија за рударство се претвора во лов на вештерки“, стои во ставот.

Во делот за проектот „Иловица – Штука“ се наведува дека интересот за работа е значаен.

„Повеќе од 1.500 луѓе досега се пријавиле за потенцијално вработување. Тоа не се ‘ботови’, ‘платеници’ или ‘лобисти’, туку луѓе што сакаат работа и перспектива во сопствената држава“, велат од иницијативата.

Во реакцијата се нагласува дека не се бара слепо прифаќање на проектот, туку примена на високи стандарди.

„Ние се залагаме за отворање на рудникот единствено преку имплементација на највисоки еколошки стандарди и современа технологија“, се додава.

На крај, се упатува апел до институциите да одлучуваат без притисоци.

„Апелираме до Владата, институциите и општините да не носат одлуки под притисок на гласни групи. ‘Иловица – Штука’ не е само рудник, туку прашање дали Македонија ќе има храброст да разговара за индустриски развој, добро платени работни места и задржување на младите дома“, стои во пораката.

Поврзани содржини