НА ФИЛИПЧЕ МУ БИЛО СУГЕРИРАНО ДА ГО ТРГНЕ ЗЕМОН ОД ИЗВРШНИОТ ОДБОР Свиркачи кажале што се случувало по скандалозната средба
Манасиевски рече дека од свиркачи дознале дека видни членови на СДСМ виделе дека работата е отидена предалеку и дека преку ова не смее да се помине, па му било сугерирано на Филипче да го тргне Рубин Земон од Извршниот одбор за да не му штети на СДСМ.
Стигна потврда за она што веќе со недели го говориме, а тоа е соработката на Венко Филипче и на СДС со бугарските власти, со единствена цел – внесување на Бугарите во Уставот, што ќе биде првото од многуте барања кои потоа ќе ги има Бугарија, а се однесуваат на идентитетот, јазикот, културата и историјата, изјави денеска портпарлот на ВМРО-ДПМНЕ Валентин Манасиевски.
– На фотографијата зад мене, го гледаме Рубин Земон, членот на ИО на Филипче, кој вчеравечер и си поднесе оставка од истата функција, кој јасно на бугарски поткаст велеше дека Гоце Делчев е мит и дека не направил ништо за Македонија. Рубин Земон на фотографијата е на средба со Виктор Стојанов од Фондацијата „Македонија“. Станува збор за оспорена невладина организација којашто функционира во Македонија. Фондацијата има за цел ширење бугарска пропаганда во Македонија, а е позната по ксенофобски испади, и гледишта дека македонскиот народ и македонската историја се под бугарска историографија. Или во кратки црти, оваа фондација и нејзиниот претседател велат дека Македонија и Бугарија се еден народ во две држави, како што и велеше врховниот лидер на СДС, Зоран Заев. Оваа коалиција на Венко Филипче и Рубин Земон, односно на СДС со бугарски организации е спремна да го негира македонскиот идентитет, да го оспори нашиот македонски јазик, да ја избрише македонската историја и да ја уништи македонската култура. Ете, со овие луѓе соработува или коалицира уценетиот Венко Филипче и неговата СДС – рече Манасиевски.
Тој додаде дека од свиркачи дознале дека видни членови на СДСМ виделе дека работата е отидена предалеку и дека преку ова не смее да се помине, па му било сугерирано на Филипче да го тргне Рубин Земон од Извршниот одбор за да не му штети на СДСМ, а да продолжи во неговата работа.
– ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните нема да дозволи да се случи повторно предавство на македонските национални интереси. Доста е со понижувања, потклекнувања и потчинувања. Време е Македонија да биде горда, исправена и достоинствена – порача Манасиевски.