РУБИН ЗЕМОН СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД ИЗВРШНИОТ ОДБОР НА СДСМ „Сакам да го заштитам угледот на партијата“
Земон неодамна даде скандалозни изјави за Гоце Делчев, за кои потоа мораше да се извинува, а деновиве беше објавена негова фотографија од средба со истакнати антимакедонски активисти во Софија, за која тој вели дека била случајна.
Рубин Земон, член на Извршниот одбор на СДСМ, кој се најде на удар на јавни критики поради скандалозните изјави на сметка на македонскиот револуционер Гоце Делчев, а неодамна беше објавена негова фотографија во друштво со истакнати антимакедонски активисти во Софија, реши да се повлече од партиската функција.
„Сакајќи да го заштитам угледот на СДСМ од непринципелните напади кон мене, а со тоа не бирајќи средства да го инволвираат и моето семејство, а со цел да не бидам терет на борбата на партијата кон уривањето на оваа власт, поднесувам оставка од местото член ИО на СДСМ“ – напиша Земон на својот профил на Фејсбук.
Претходно, Виктор Стојанов, претседател на т.н. „Фондација Македонија“, кој има доживотна забрана за влез во Македонија и против кого пред два месеца беше поднесена кривична пријава за ширење говор на омраза кон македонската држава и народ, објави на Фејсбук фотографија и информација за средбата со Земон.
„На неофицијална средба со Рубин Земон, дел од раководството на опозицискиот СДСМ и претставник на Египќаните во Република Македонија. На режимот на Мицкоски ќе му се спротивстават мнозинството граѓани на државата, а ние од Европската Унија ќе им дадеме поддршка: во име на европската иднина на Македонија и децата таму“, пишува во објавата.
Објавата за кратко време беше тргната, но македоснките медиуми ја снимија и објавија за средбата.
Земон во статус на Фејсбук ова го нарече „уште еден координиран напад“ врз него. Македонските медиуми, кои ја објавија веста, тој ги нарекува „курурци“, кои овојпат, според него, биле во координација со „Фондација Македонија“ од Бугарија.
Тој вели дека средбата со луѓето од „Фондација Македонија“ била случајна, а тој отпрво не знаел за кои луѓе станува збор.
„Со мојот син седевме во трговски центар во Софија кога ми пријдоа луѓето, ми кажаа дека ме препознале кој сум и прашаа дали може да седнат со нас на кафе и да направат фотографија. Првично не знаев дека станува збор за луѓе од Фондацијата. Кратко поразговаравме за случувањата во двете земји и тоа беше сѐ“ – вели Земон
Средбата предизвика остри реакции во јавноста, особено поради спорните ставови и минатите активности на Стојанов, но и поради претходните изјави на Земон. Тој изјави дека „Гоце Делчев ништо не напишал во животот, ниедна битка не извојувал никаде, а кај нас од него е направен мит“. По оваа изјава, Земон се извини, тврдејќи дека бил погрешно разбран.