ЕВЕ ШТО СОДРЖИ ИРАНСКИОТ ПРЕДЛОГ ЗА КРАЈ НА ВОЈНАТА Протече документ од преговорите со посредство на Пакистан

Пакистански извор за Ал Хадат изјавил дека актуелните разговори се водат во атмосфера на „претпазлив оптимизам“, оценувајќи дека во моментов „нема алтернатива за привремен договор меѓу САД и Иран“.

154

Извори за саудискиот информативен канал Ал Хадат открија детали од нацрт-договор меѓу Иран и САД, кој со посредство на Пакистан предвидува итен и безусловен прекин на огнот, стопирање на воените операции и постепено укинување на американските санкции кон Техеран.

Според информациите, документот содржи девет точки, меѓу кои централно место има целосниот прекин на огнот на сите фронтови. Договорот предвидува и двете страни да се воздржат од напади врз воени, цивилни и економски цели, како и прекин на медиумските кампањи и пропагандната војна.






Во текстот на нацрт-договорот се нагласува почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Иран, без мешање во внатрешните работи на државата. Дополнително, се предвидува гарантирање на слободата на пловидба во Арапскиот Залив, Ормускиот Теснец и Оманското Море.

Документот вклучува и формирање заеднички механизам за следење на спроведувањето на договорот и решавање евентуални спорови, додека разговорите за отворените прашања би започнале во рок од седум дена.

Една од клучните точки е постепеното укинување на американските санкции против Иран, во замена за исполнување на обврските од страна на Техеран. Воедно, договорот ја потврдува посветеноста на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации и, според најавите, би стапил во сила веднаш по официјалната потврда од двете страни.

Пакистански извор за Ал Хадат изјавил дека актуелните разговори се водат во атмосфера на „претпазлив оптимизам“, оценувајќи дека во моментов „нема алтернатива за привремен договор меѓу САД и Иран“.

Истиот извор посочил дека намалувањето на разликите меѓу двете страни е сложен процес поради високите барања и на Вашингтон и на Техеран, но контактите продолжуваат, особено околу прашањата поврзани со Ормускиот Теснец и иранската нуклеарна програма.

Техеран оваа недела претстави нов американски предлог, за кој тврди дека е речиси идентичен со претходно одбиениот план на американскиот претседател Доналд Трамп. Предлогот, според информациите, опфаќа контрола врз Ормускиот Теснец, исплата на воени репарации, укинување на сите американски санкции и деблокирање на замрзнатите ирански средства во странство.

Во меѓувреме, пакистанскиот посредник му го доставил американскиот одговор на Техеран, а иранската страна сè уште го анализира документот, наведува Ал Хадат.

Министерот за внатрешни работи на Пакситан, Мошин Нагви, моментално престојува во Техеран, каде денеска се сретна со шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи.

ПОСТИГНАТ ДОГОВОР МЕЃУ САД И ИРАН ЗА ПРЕКИН НА ВОЈНАТА!? Официјално ќе биде објавен за неколку часа

Поврзани содржини