МАЛОЛЕТНИЦИ ЗАД ВОЛАН ВО СКОПЈЕ Полицијата приведе петмина возачи за безобѕирно возење
Четворица возеле без возачка дозвола, а еден бил фатен под дејство на алкохол, соопшти полицијата.
Пет возачи биле приведени во изминатото деноноќие низ државата поради безобѕирно управување со возило, а меѓу нив има и двајца малолетници кои седнале зад волан без возачка дозвола.
Според информациите од полицијата, четворица од приведените биле затекнати како управуваат возила без положен возачки испит, додека еден возач во Кичево возел под дејство на алкохол.
Најголем дел од случаите биле регистрирани во Скопје, каде полицијата привела четири лица, меѓу кои и двајца малолетници. Против сите ќе бидат поднесени кривични пријави по целосното документирање на случаите.
Од МВР повторно апелираат возачите да не седнуваат зад волан без возачка дозвола, како и да не управуваат возило под дејство на алкохол.
„Почитувањето на сообраќајните правила е клучно за безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Апелираме до граѓаните да не управуваат возила доколку немаат положено возачки испит или доколку се под дејство на алкохол“, велат од полицијата.