ЗА ЕДНА НЕДЕЛА ЌЕ ИМАМЕ РЕШЕНИЕ ЗА ПРАВОСУДНИОТ ИСПИТ НА АЛБАНСКИ ЈАЗИК Вицепремиерот Сали вели дека консултациите се во завршна фаза
Државата се позиционира меѓу најуспешните земји во регионот во однос на реализацијата на реформската агенда и резултатите не се апстрактни – рече министерот за европски прашања во врска со најновата одобрена транша од 65,7 милиони евра од Планот за раст.
Во рок од една недела Владата се очекува да го претстави решението со кое правосудниот испит ќе може да се полага и на албански јазик – најави заменик-премиерот за европски прашања Беким Сали на прес-конференција.
Тој рече дека консултациите се во завршна фаза и дека не станува збор само за правосудниот испит, туку и за поширок пакет поврзан со слични прашања.
– Во завршна фаза се консултациите со експерти и верувам дека многу скоро, можеби… сега не сакам да се фаќате за временската рамка, можеби и една недела може да трае до конечната одлука, која ќе ја промовираме на ист начин, верувам – рече Сали.
Тој додаде дека Владата не работи само на решение за правосудниот испит.
– Нема да се работи само за правосудниот испит, туку и за други слични теми – рече Сали.
Најавата доаѓа по протестот во Скопје, на кој се бараше правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик. Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека Владата работи на „трајно решение“ за ова прашање, но оцени дека на протестот биле прекршувани законите за знамињата и државната химна.
Вицепремиерот Сали ја коментираше и новата транша во износ од 65,7 милиони евра за Македонија во рамките на планот за раст за Западен Балкан и механизмот за реформи и раст. Тој рече дека таа е резултат на координирана работа на институциите, на посветеноста на администрацијата, на политичката одговорност и на решителноста реформите да не останат само на хартија, туку да донесат конкретни резултати за граѓаните.
– Денеска можеме со целосна одговорност да кажеме дека влегуваме во нова фаза на институционално функционирање, каде што резултатите се мерат преку конкретна реализација, ефикасност и способност да ги исполниме обврските што ги преземаме – рече Сали.
Министерот за европски прашање потенцира дека во третиот извештаен период државата пријавила 21 реализиран реформски чекор, од кои 16 чекори се позитивно оценети, а особено значајно е што три биле реализирани пред предвидениот рок.
– Она што денес е важно е дека државата се позиционира меѓу најуспешните земји во регионот во однос на реализацијата на реформската агенда и резултатите не се апстрактни. Тие веќе се видливи во конкретни области. Денес, имаме нова методологија за финансирање на основното и средното образование, интернет и ИТ-опрема во 160 основни училишта, унапредување на дигиталните услуги и електронската идентификација, реформи во управувањето со јавните финансии, поголема институционална транспарентност, намалување на бирократските процедури и поорганизирани инвестиции во човечкиот и дигиталниот развој – рече тој.