ПО ДОЛГА ПАУЗА, СЕ ВРАЌАМЕ НА ГОЛЕМАТА СЦЕНА Македонија повторно ќе има претставник на Евровизија
Директорот на МРТ, Зоран Ристоски, потврди дека Македонија повторно ќе настапи на „Евровизија“, со поддршка од Европскиот радиодифузен сојуз.
Македонија повторно ќе настапи на изборот за песна на Евровизија во 2027 година во Бугарија, потврди директорот на Македонската Радио Телевизија, Зоран Ристоски.
На јавната седница на Програмскиот совет на МРТ, на која присуствувале претставници на медиумски организации, еснафски здруженија и институции, Ристоски открил дека веќе остварил средби со претставници на „European Broadcasting Union“ и дека Македонија сигурно ќе има свој претставник на најголемиот европски музички фестивал.
– Имаме поддршка од ЕБУ и очекуваме поповолен пакет за враќање на Евросонг, со што повторно ќе ги промовираме македонската музика и културните вредности пред европската публика – посочил Ристоски.
Македонија последен пат настапи на Евровизија во 2022 година, кога земјата ја претставуваше Андреа Коевска со песната „Circles“.
Најдобриот резултат за Македонија на Евросонг го оствари Tамара Тодевска со песната „Proud“, кога го освои седмото место во финалето.
Враќањето на Македонија на „Евровизија“ веќе предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, каде љубителите на фестивалот бараат повторно да се организира и национален избор за македонскиот претставник.