Левица не е поканета, ниту ќе биде поканета во Фронтот на вистина и правда, одговори СДСМ и дададе дека таму нема место „за ВМРО сателити“.
„Не сте поканети, ниту ќе ве поканиме. Фронтот на вистина и правда не е за приврзоци на ВМРО и сателити од типот на ЗНАМ и Левица – ЗНАМ верзија 2.0. Знаеме дека ве ангажира Мицкоски сега кога се распадна ЗНАМ и нивниот предводник, бугарскиот стопанственик Максим Димитриевски“, се наведува во соопштението од СДСМ.
Оттаму велат дека Левица е партија направена и финансирана од Мицкоски „за ништо – да глуми опозиција и да го напаѓа СДСМ кога е потребно.“
Пратеникот Амар Мециновиќ од Левица вчера изјави дека партијата нема да биде дел од фронтот на опозицискиот СДСМ за вистина и правда со кој опозициски партии, невладини орагнизации и групи граѓани ќе се борат против корупцијата. Мециновиќ смета дека СДСМ нема кредибилитет да повикува на некакво обединување, бидејќи, како што рече, има корумпирано и компромитирано раководство.