ДЕНЕС СВЕТОТ ЧЕКА ОДГОВОР • ЌЕ ПОЧНЕ ЛИ НОВА ПАНДЕМИЈА? Научниците стравуваат од ширење на хантавирусот
Научниците внимателно го следат 19 мај поради можноста да почнат нови инфекции со андскиот сој на хантавирус, поврзани со крузерот „Хондиус“.
Денешниот ден – 19 мај се следи со особено внимание од научниците и здравствените власти поради можноста да почнат да се појавуваат нови случаи на андскиот сој на хантавирус, поврзани со епидемијата на крузерот „Хондиус“.
На бродот, кој пловел под холандско знаме, патувале околу 150 патници и членови на екипажот од 23 држави кога била регистрирана епидемијата. Досега починаа три лица – постар брачен пар од Холандија и германски државјанин, додека Светската Здравствна Организација потврди 10 случаи на инфекција со хантавирус.
Крузерот во меѓувреме пристигнал во Ротердам, а патниците и дел од екипажот веќе го напуштиле бродот. Дел од нив се ставени во карантин во повеќе држави поради страв од понатамошно ширење на вирусот.
Страв од „трета генерација“ на инфекции
Американскиот научник Стивен Квеј предупредува дека денешниот датум може да биде пресвртница, бидејќи според досегашните пресметки токму сега би можеле да почнат да се појавуваат т.н. случаи од „трета генерација“ – луѓе кои се заразиле од патници што биле на крузерот.
Според анализите, просечниот инкубациски период бил околу 22 дена, а слични модели биле забележани и за време на претходни епидемии на андскиот сој на хантавирус во Aргентина.
– Сега имаме еден нулти пациент и девет случаи на пренос од човек на човек. Ако по 19 мај продолжат да се појавуваат нови инфекции, тоа би можело да значи пренос од втора на трета генерација – предупредил Квеј за британскиот весник „Телеграф“.
Сомнежи дека вирусот може да се пренесува и преку воздух
Дополнителна загриженост предизвикуваат информациите дека некои заразени лица наводно немале близок контакт со „нултиот пациент“, туку само престојувале во исти простории или трпезарии.
Професорот Џозеф Ален изјавил дека лекар од крузерот изразил сомнеж оти вирусот можеби се пренесувал и преку воздух, а не само преку близок контакт и телесни течности.
Сепак, експертите нагласуваат дека ризикот за пошироката јавност засега останува низок и дека нема официјална потврда за широко воздушно пренесување на вирусот.
Следен клучен датум е 21 јуни
Ако во следните недели не се појават нови случаи од „трета генерација“, тогаш 21 јуни би можел да биде датумот кога епидемијата официјално би се сметала за завршена, бидејќи тогаш истекува максималниот период на инкубација поврзан со првичниот кластер на инфекции.