ДРОН НАПОЛНЕТ СО ЕКСПЛОЗИВ ПАДНАЛ ВО ЛИТВАНИЈА Свикан државниот Совет за безбедност
Украински дронови насочени кон руски цели во повеќе наврати залутаа во балтичките републики, најверојатно по електронско попречување од страна на руските сили.
Беспилотното летало што викендов падна во североисточна Литванија било вооружено со експлозив, соопштија денеска локалните власти, пренесува ДПА.
Дронот бил деминиран на местото каде што бил пронајден, во нива во областа Утена, на околу 100 километри северно од Вилнус и во близина на границата со Летонија и Белорусија, пренесуваат литванските медиуми. Во инцидентот, кој бил пријавен од локалните жители, нема повредени лица.
Точното време кога дронот влегол во литванскиот воздушен простор и неговата рута остануваат нејасни, а не се соопштуваат информации ниту за неговото потекло. Властите индиректно посочија дека веруваат оти леталото можеби било лансирано од украинските сили кои целеле објекти во северозападна Русија.
Премиерката Инга Ругиниене свика состанок на Советот за национална безбедност на земјата за среда. Таа нагласи дека нема директна закана за населението, но на социјалните мрежи истакна дека последните инциденти со дронови и нарушувања на воздушниот простор претставуваат растечки безбедносен предизвик. Украински дронови насочени кон руски цели во повеќе наврати залутаа во балтичките републики, најверојатно по електронско попречување од страна на руските сили.