ПОВЕЌЕ ОД ЕДЕН ДЕН СПАСУВАЧИТЕ ПРЕБАРУВАА ВО УРНАТАТАТА ЗГРАДА ВО КИЕВ Зеленски побара Москва да биде казнета
Американскиот претседател Доналд Трамп навести дека смртоносниот руски напад врз станбениот блок во Киев може да ги попречи напорите за мирно решавање на војната во Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика Москва да биде казната, положувајќи рози пред урнатините на станбен блок во Киев, каде што во руски ракетни напади загинаа 24 луѓе, вклучувајќи и 3 деца.
„Службите за итни случаи го завршија пребарувањето на урнатините на зградата, кое траеше повеќе од еден ден“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.
Крстосувачка ракета ја погоди деветкатната зграда за време на најмасовниот руски напад од почетокот на инвазијата, соопштија украинските воздухопловни сили.
Нападот бил насочен главно кон украинската престолнина, каде што се ранети 48 лица, вклучувајќи 2 деца, информираше Зеленски.
Украинското Министерство за внатрешни работи соопшти дека стотици спасувачи учествувале во 28-часовната операција за пребарување на преживеани меѓу 3.000 кубни метри урнатини. Властите во Киев соопштија дека екипите успеале да спасат околу 30 лица, а од под урнатините биле извлечени 24 тела. Ранети се околу 50 лица, а на речиси 400 луѓе им е потребна психолошка помош.

Денеска во Киев е официјален ден на жалост во спомен на жртвите.
Крстосувачката ракета што ја погоди станбената зграда била произведена во вториот квартал од оваа година, истакна Зеленски, повикувајќи се на украински експерти кои ги истражувале нејзините остатоци. Според првичните анализи, станува збор за руска крстосувачка ракета Х-101.
„Ова значи дека Русија сè уште увезува компоненти, ресурси и опрема неопходни за производство на ракети и ги заобиколува светските санкции. Запирањето на руските шеми за заобиколување на санкциите мора да биде вистински приоритет за сите наши партнери“, напиша Зеленски вна Икс.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека силите на Москва извршиле масовни воздушни напади против Украина во периодот од 12 до 15 мај.
Американскиот претседател Доналд Трамп навести дека смртоносниот руски напад врз станбениот блок во Киев може да ги попречи напорите за мирно решавање на војната во Украина.
Трамп во владиниот авион „Ер Форс Уан“, со кој отпатува од Пекинг, изјави дека разговарал за конфликтот во Украина со кинескиот претседател Си Џинпинг и дека двајцата изразиле желба борбите да прекинат.
– Сакаме ова да се реши. До синоќа работите изгледаа добро, но тие (Украинците) претрпеа голем удар… Така што, ќе дојде до тоа (прекин на војната), но жално е – рече Трамп во врска со рускиот напад.
И двете страни негираат дека извршуваат целни напади против цивили.