НЕ Е ПРОМЕНЕТА ПОЛИТИКАТА НА САД КОН ТАЈВАН Не ни треба помош од Кина за Иран
Американскиот државен секретар Марко Рубио во интервју за Ен-Би-Си њус, освен за војната во Иран говореше и за војната во Украина и порача дека земјата има најсилна и најмоќна армија во Европа.
Не е променета политиката на САД кон Тајван, рече американскиот државен секретар Марко Рубио во интервју за Ен-Би-Си њус.
– Политиката на САД кон Тајван е непроменета по денешниот состанок во Кина. Тоа прашање беше споменато. Тие секогаш го споменуваат. Ние секогаш јасно го искажуваме нашиот став и преминуваме на други теми – изјави Рубио по средбата на американскиот претседател Доналд Трамп со кинескиот колега Си Џинпинг во Пекинг.
Рубио, кој е дел од американската делегација во Кина, додаде дека Пекинг би направил „ужасна грешка“ ако со сила го преземе Тајван.
Претходно, Џинпинг го предупреди Трамп на потенцијален конфликт помеѓу Кина и САД ако прашањето за Тајван не биде решено на соодветен начин. Кинескиот претседател рече дека несогласувањата околу островот би можеле да ги доведат односите меѓу Кина и САД на „многу опасен пат“. Порача дека „независноста на Тајван“ и мирот во Тајванскиот Теснец се „некомпатибилни како оган и вода“.
САД формално не ја поддржуваат независноста на Тајван, но редовно му продаваат оружје и одржуваат блиски безбедносни врски со Тајпеј. Во 1979 година, Вашингтон ги прекина официјалните дипломатски односи со Тајван, но во исто време го усвои Законот за односи со Тајван, со кој се обврза да му обезбеди на островот средства за самоодбрана.
Во интервјуто Рубио рече и дека на САД не им е потребна помош од Кина во врска со Иран. Нагласи дека претседателите Трамп и Џинпинг пронашле „заедничка основа“ по прашањето за Ормускиот Теснец.
– Не бараме помош од Кина. Не ни е потребна нивна помош – рече Рубио.
Додаде дека делат загриженост во врска со овој исклучително важен воден пат.
– Кинеската страна изјави дека се спротивставува на милитаризацијата на Ормускиот Теснец, како и на воведувањето транзитни такси, а тоа е и нашиот став – рече Рубио.
Тој порача дека двете страни се согласиле да се спротивстават на развојот на нуклеарно оружје од страна на Иран.
Рубио, исто така, го предупреди Техеран да не се обидува да ги искористи поделбите во американската политика за да влијае на преговорите со Вашингтон.
– Претседателот јасно става до знаење: ако Иранците мислат дека ќе ја искористат нашата домашна политика за да ги принудат на лош договор, тоа нема да се случи – рече тој.
Во врска со Украина, Рубио рече дека земјата ја изградила најсилната и најмоќната армија во Европа и покрај поголемото население и воените ресурси на Русија.
– Ако погледнете, Русите губат 5 пати повеќе војници месечно од Украинците, иако Украина е помала земја со помала армија. Има огромен човечки и економски данок од војната врз двете земји. Русија продолжува да трпи големи загуби на бојното поле, Русите губат од 15.000 до 20.000 војници месечно. Треба да биде јасно дека украинските вооружени сили во моментов се најсилните и најмоќните во цела Европа. Ова, се разбира, во голема мера се должи на помошта што ја добиле, но и на борбеното искуство што го стекнале – рече Рубио.
Тој додаде дека моментумот во преговорите за мир се забавил во последните месеци, бидејќи двете страни веруваат дека имаат причина да бидат оптимисти.
– За жал, изгубивме дел од моментумот во последните неколку месеци од различни причини. Украинците стануваат посигурни во своите позиции на бојното поле, ја преживеаа зимата, а Русите, исто така, чувствуваат одреден оптимизам поради порастот на цените на нафтата – објасни Рубио.
Американскиот државен секретар рече дека Вашингтон се надева дека и Москва и Киев на крајот ќе се вратат на преговарачката маса.