АМАТЕР ПРЕКУ ЧАТ ГПТ РЕШИ ДЕЦЕНИСКИ ПРОБЛЕМ ВО МАТЕМАТИКАТА Чатботот размислувал така како што никој не очекувал

Млад човек на 23 години без математичко образование, со помош на моделот ГПТ-5.4, дошол до решение за математички проблем стар повеќе од шест децении. Дел од водечките математичари тврдат дека резултатот навистина претставува значаен пробив.

163

Дали Чат ГПТ штотуку реши математичка загатка што ги мачи научниците повеќе од 60 години? Прашањето последниве недели предизвикува бурни реакции во академските кругови, откако 23-годишниот Лиам Прајс објави решение за еден од таканаречените „проблеми на Ердеш“.

Станува збор за серија исклучително сложени математички хипотези што ги оставил унгарскиот математичар Пал Ердеш. Иако со децении ги мачеле најголемите математички умови, Прајс, кој нема формално математичко образование, дошол до решение за проблемот „1196“ со помош на ГПТ-5.4.

Иако претходно имаше случаи кога вештачката интелигенција давала погрешни или копирани решенија, овојпат дел од експертите велат дека одговорот е валиден, пишува „Сајентифик Американ“.

Фото: Принтскрин

Познатиот математичар Теренс Тао од Универзитетот во Калифорнија, Беркли, објаснил дека луѓето со години се обидувале да го решат проблемот по погрешен пат.

– Луѓето го анализираат овој проблем, но колективно отидоа во погрешна насока уште на првиот чекор – рекол Тао.

Според него, математичарите со години користеле ист пристап, додека вештачката интелигенција тргнала по сосема неочекуван пат и применила добро позната формула што никој претходно не помислил да ја искористи во ваков контекст.

Пробив или преценета еуфорија?

И покрај возбудата, научниците предупредуваат дека не треба да се идеализира улогата на вештачката интелигенција. Математичарот Џаред Лихтман од Универзитетот Стенфорд посочил дека првичниот одговор на Чат ГПТ бил хаотичен и тешко разбирлив.

– Сировиот резултат од доказот на Чат ГПТ беше прилично лош. Беше потребен експерт за да разбере што вештачката интелигенција се обидува да каже – изјавил Лихтман.

Анатомија на големите броеви

Сепак, Теренс Тао смета дека откритието може да отвори нов начин на размислување во математиката.

– Откривме нов начин на размислување за големите броеви и нивната анатомија. Тоа е убаво достигнување – рекол Тао.

Експертите потсетуваат и на претходни случаи кога се покажало дека вештачката интелигенција само копирала постоечки решенија. Минатата година потпретседателот на Опен АИ, Кевин Вејл, избришал објава за сличен „пробив“ откако било утврдено дека моделот репродуцирал веќе познато решение, објави „Сајентифик Американ“.

Поврзани содржини