📽️ТРАМП ВЕЛИ СЈАЈНО Е, КОЛЕГАТА ПРЕДУПРЕДУВА НА СТАПИЦА Кина и САД влегуваат во нова ера по разговорите во Пекинг
Доналд Трамп и Си Џинпинг прошетаа низ Небесниот храм во Пекинг и испратија пораки за „сјајни“ разговори и економска соработка. Но зад насмевките и свечените фотографии повторно исплива најчувствителното прашање меѓу Вашингтон и Пекинг.
Американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг денеска заедно го посетија Небесниот храм во Пекинг, каде позираа пред камерите и два часа и 15 минути разговараа за трговијата, економијата и безбедносните односи меѓу двете сили.
На прашањето на новинарите како поминале разговорите, Трамп кратко одговори:
– Одлични се.
Потоа го пофали и самиот локалитет.
– Одлично место. Неверојатно. Кина е прекрасна.
Но, зад топлите зборови и симболичната прошетка низ еден од најпознатите кинески комплекси остана едно прашање што повторно ги затегна односите меѓу двете суперсили. Си Џинпинг директно го предупредил Трамп дека Тајван е „најважното прашање“ во односите меѓу Кина и САД.
Според кинеската државна агенција „Синхуа“, Си порачал дека правилното справување со ова прашање е клучно за стабилноста меѓу двете земји.
– Ако не се справи правилно, двете земји би можеле да се судрат или дури и да дојдат во конфликт – изјавил Си.
NOW: President Trump and President Xi visit Temple of Heaven after having “great” talks.
“China is beautiful.” pic.twitter.com/xUEiLsm6Un
— Fox News (@FoxNews) May 14, 2026
Владата во Тајпеј внимателно ја следеше средбата во Пекинг, а од Тајван стигна и реакција во која Пекинг беше обвинет дека е „единствениот извор“ на несигурност во регионот, пренесе „Ројтерс“.
Во меѓувреме, прашање на новинар за Тајван остана без одговор, бидејќи и Трамп и Си Џинпинг го игнорираа додека шетаа низ комплексот.
Стапицата на Тукидид
Си Џинпинг за време на разговорите повторно се осврнал и на таканаречената Стапица на Тукидид, термин што се користи за опасното ривалство меѓу светска сила во подем и веќе доминантна сила. Концептот потекнува од античкиот грчки историчар Тукидид, кој пишувал дека подемот на Атина и стравот што го предизвикал во Спарта ја направиле војната меѓу двете градови-држави неизбежна.
Со тоа кинескиот лидер индиректно предупредил дека ривалството меѓу Пекинг и Вашингтон не смее да се претвори во директен судир.
Нова ера во односите
Сепак, Џинпинг исто така најави нова ера во односите со Соединетите Американски Држави, ера која треба да биде дефинирана со конструктивни и стабилни односи. Според соопштението од кинеското Министерство за надворешни работи, двајцата лидери се согласиле да воспостават „конструктивен стратешки и стабилен однос“ како нова насока за билатералните односи во следните три години и понатаму.

Најзначајниот храм за Кина
Комплексот Небесен храм, изграден во 1420 година, е еден од најзначајните симболи на кинеската историја и духовност. Познат е по Салата за молитви за добра жетва, кружна дрвена градба со трослоен покрив од сини ќерамиди. Кинеските цареви речиси 5 века таму изведувале ритуали за хармонија меѓу небото и човештвото.
Трамп е првиот актуелен американски претседател што го посетил овој локалитет по Џералд Форд во 1975 година.
Маск, Тим Кук и ретките метали
Во американската делегација во Пекинг се и дел од најмоќните луѓе во американскиот бизнис, меѓу кои Илон Маск, Тим Кук и Џенсен Хуанг. Присутни се и претставници на „Боинг“, „БлекРок“, „Голдман Сакс“, „Виза“ и „Мастеркард“.
Американските директори ги опишале средбите во Пекинг како позитивни и продуктивни, изразувајќи надеж за натамошна соработка со Кина.
Кина ја крева рампата, но не и за металите?
Во исто време, Пекинг направи и конкретен економски потег. Кина ги обнови извозните лиценци за стотици американски фабрики за преработка на говедско месо, што се толкува како гест на добра волја за време на разговорите, објави „Ројтерс“.
Но, зад економските пораки останува уште еден моќен адут на Кина. Станува збор за ретките земни метали, група од 17 елементи што се користат во сè, од „ајфон“ телефони до борбените авиони Ф-35. Аналитичарите сметаат дека токму контролата врз овие ресурси му дава на Пекинг силна позиција во разговорите со Вашингтон.
Во Вашингтон внимателно се следи и како Пекинг ги користи економските отстапки во момент кога трговските односи меѓу двете земји остануваат кревки. Кина последниве години повеќепати покажа дека ретките метали и синџирите за снабдување може да ги користи како геополитичко оружје.
Токму затоа посетата на Трамп не се гледа само како дипломатска турнеја. За многумина, таа е тест дали Вашингтон и Пекинг можат да ја намалат тензијата без нова трговска или безбедносна ескалација.
Инцидент со новинарите
За време на посетата на Небесниот храм, според Ен-Би-Си Њуз, кинеските безбедносни сили наводно спречиле група американски новинари да го напуштат комплексот. Тензиите накратко се зголемиле откако американски претставници инсистирале новинарите да бидат пуштени.
Инцидентот дополнително потсети дека и покрај насмевките, свечените фотографии и зборовите за „сјајни разговори“, недовербата меѓу Вашингтон и Пекинг и понатаму останува длабока.
Во дипломатските кругови веќе се анализира секој гест од посетата, од говорот на телото на двајцата лидери до симболиката на самиот Небесен храм. Кина очигледно сакаше да испрати порака за цивилизациска стабилност и историска моќ, додека Трамп се обиде да остави впечаток на лидер што може да постигне договори и покрај длабоките разлики.
Според агендата, Си вечерва треба да организира државен банкет во чест на Трамп, чија посета на Кина е предвидено да трае до петок.