РУБИО ОТВОРА ДИЛЕМА ЗА ХАМНЕИ „Можеби е жив, но кој владее во Иран?“
Шефот на американската дипломатија вели дека има индикации оти синот на ајатолахот Али, Моџтаба Хамнеи, е жив, но дека останува нејасно дали Моџтаба има вистинска моќ и кредибилитет во Иран.
Американската администрација има индикации дека врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, е жив. Но, според Марко Рубио, американскиот државен секретар, остануваат сериозни дилеми за тоа каква улога има Хамнеи во власта.
Во интервју за „Фокс њуз“, Рубио посочи дека клучното прашање не е само дали Хамнеи е жив, туку дали има реален политички авторитет и носи одлуки.
– Можеби е жив, но мислам дека нерешените прашања тука се дали има ист кредибилитет како неговиот татко. Знаеме дека со години, барем јас знам со години, во Иран се водат внатрешни дебати за наследувањето и дали тоа треба да биде наследно – рече Рубио.
Рубио нагласи дека овие дебати траат со години. Дел од нив, како што рече, и натаму остануваат отворени.
Според него, не е јасно дали Хамнеи ги има потребните религиозни и политички квалификации. Под знак прашалник е и неговата независност во одлучувањето.
– Во рамките на системот се појавува дисфункција, можно е клучните одлуки да ги носи тесен круг луѓе – вели Рубио.
Ова, според него, дополнително ги комплицира односите и преговорите со Техеран.