НАФТАТА НЕ ГО ДРЖИ ДОЛАРОТ, ВИСТИНСКАТА МОЌ Е СКРИЕНА ВО БАНКИТЕ „Фајненшл тајмс“ го разбива митот за „петродоларот“

Евродоларскиот систем е вистинскиот темел на глобалната финансиска доминација на САД, а не некаков „таен договор за нафта“.

143

Доларот не е светска валута затоа што нафтата се продава во долари. Оваа теза, која со години се повторува во медиуми, анализи и на социјалните мрежи, ја урива „Фајненшл тајмс“ (Financial Times), во статија со провокативен наслов: „Не постои нешто како петродолар“.

Наместо приказната за нафта и геополитички договори, британскиот весник вниманието го префрла кон многу подлабок и помалку видлив механизам – евродоларскиот систем, кој, според нив, е вистинскиот темел на глобалната финансиска доминација на САД.

Не постои глобална обврска нафтата да се продава исклучиво во долари

Токму тука почнува и недоразбирањето. „Петродоларот“ никогаш не бил формален систем со јасни правила и институции. Тој е повеќе наратив – поедноставена приказна дека светот користи долари затоа што нафтата се тргува во долари, особено по договорите со Саудиска Арабија од 1970-тите.

Но, како што укажува ФТ, оваа врска е пренагласена. Ниту постои глобална обврска нафтата да се продава исклучиво во долари, ниту пак токму нафтата е главниот извор на моќта на американската валута.

Што се тоа евродолари?

Вистинската приказна, според анализата, е далеку покомплексна и води кон поим што ретко се спомнува во јавноста – евродоларот. Тоа се долари кои циркулираат надвор од САД, во банки и финансиски центри низ светот – од Лондон до Сингапур и Хонгконг. Овие долари не се под директна контрола на американската централна банка, но сепак се клучен дел од глобалниот финансиски систем.

Токму овој „невидлив“ пазар, создаден уште во времето на Студената војна, денес е огромен. Банки позајмуваат долари, компании земаат кредити во долари, држави се задолжуваат во долари – и сето тоа често без директна врска со американската економија. На тој начин, доларот станува глобален јазик на финансиите, а не само валута на една држава.

Системот е доларски и за тоа не е „виновна“ нафтата

Ова ја менува и перспективата за тоа зошто доларот доминира. Не затоа што постои некаков „таен договор за нафта“, туку затоа што целиот финансиски систем – кредити, обврзници, трговија, деривати – функционира во долари. Со други зборови, светот не користи долари поради нафтата, туку нафтата (и сè друго) се тргува во долари затоа што системот веќе е доларски.

Затоа ФТ е скептичен кон популарните тврдења дека „петродоларот умира“ или дека светот се префрла кон нова валута. Иако е точно дека дел од трговијата со енергенси се одвива во други валути, тоа не значи дека доларот ја губи својата улога. Причината е едноставна: глобалниот долг, банкарскиот систем и финансиските пазари сè уште се длабоко врзани за доларот.

„Деполитизација“ и нови валутни блокови

Оваа анализа доаѓа во време кога сè почесто се зборува за „дедоларизација“ и за подем на нови валутни блокови. Но ФТ предупредува дека таквите процеси се побавни и покомплексни отколку што изгледаат. Промената на валутата во која се тргува со нафта е релативно лесна. Промената на целиот финансиски систем – речиси невозможна на краток рок.

Истовремено, светот навистина се менува. Енергетската транзиција, растот на Кина и појавата на мултивалутна трговија создаваат нови динамики. Но тие не значат автоматски крај на доларот. Наместо тоа, се создава покомплексен и пофрагментиран систем, во кој доларот сè уште игра централна, но не и апсолутна улога.

Она што навистина постои е глобална мрежа на доларска ликвидност

Суштината на пораката на „Фајненшл тајмс“ е едноставна, но непријатна за многу популарни теории: петродоларот не исчезнува – затоа што никогаш не постоел како што си го замислуваме. Она што навистина постои е глобална мрежа на доларска ликвидност, изградена врз банки, кредити и доверба.

И токму таму, далеку од нафтените полиња и геополитичките митови, лежи вистинската моќ на доларот.

Поврзани содржини