КРАЈ НА ЧЕКАЊЕТО ЗА ГРАДИНКИ ВО БИТОЛА Коњановски најави решавање на проблемот
Со нови градинки и зголемен капацитет за згрижување деца, Општина Битола најавува конечно намалување на долгите листи на чекање.
Долгите листи на чекање за упис во градинките во Битола наскоро би можеле да станат минато, најави градоначалникот Тони Коњановски, посочувајќи дека новите капацитети веќе даваат резултати.
Тој информираше дека е ставена во функција детска градинка во Домот за доенчиња и мали деца, каде што се згрижуваат 70 деца. Воедно, потенцираше дека биле наследени проблеми со две нови градинки, поради што нивното отворање било одложено.
– Успеавме да ја ставиме во функција градинката во Домот за доенчиња и мали деца, каде што се згрижуваат 70 деца. Жал ми е што другите две градинки, кои ги затекнавме во незавршена состојба, не можеа веднаш да почнат со работа. Ги интензивиравме постапките и работевме на решавање на проблемите – изјави Коњановски.
Според него, градинката во Нова Битола е веќе изградена и во тек е партерното уредување. По завршувањето на сите процедури и добивањето согласност од надлежните институции, ќе следува вработување кадар и нејзино ставање во функција.
– Овој објект има капацитет за 153 деца и значително ќе ја намали листата на чекање. Со овие инвестиции вложуваме во иднината на најмладите – додаде градоначалникот.
Коњановски посочи и дека градежната сезона во Битола е веќе во полн ек, со активна механизација и работа на повеќе локации.
– Во моментов работиме на 21 локација, а вкупно се започнати околу 80 проекти со владина поддршка. Паралелно се реализираат и тековни активности, како и проекти кои се во завршна фаза – рече тој.
Општината во меѓувреме објави и јавен повик за поддршка на младински проекти, за што се издвоени 550.000 денари од буџетот.