МАЖ ИЗБОДЕН ВО ГРБ, ГРАДИ И ВО СТОМАК ПО КАВГА Притвор за осомничен за убиство пред ресторан во Скопје
Расправија во угостителски објект по полноќ прераснала во напад со нож, при што едно лице било повредено, а осомничениот се соочува со истрага за обид за убиство.
25-годишник од Скопје е осомничен за обид за убиство откако по расправија во угостителски објект избодел друго лице со нож.
Инцидентот се случил на 23 април по полноќ, кога вербална расправија меѓу двајцата прераснала во физичка пресметка. Според информациите од истрагата, во еден момент оштетениот го нападнал осомничениот, по што 25-годишникот извадил нож и му задал неколку убоди.
Нападнатиот добил рани во градниот кош, грбот и стомакот. По укажаната лекарска помош, тој бил пуштен на домашно лекување.
Од Обвинителството информираат дека против осомничениот е поведена истражна постапка за обид за убиство, а до судот е доставен предлог да му биде одреден куќен притвор.
И од СВР Скопје преку соопштение ја информираа јавноста настанот што се случи во центарот на градот.
„Полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода А.Ч. од Скопје затоа што на 23.04.2026 пред угостителски објект на ул. “50 Дивизија” со нож му нанел убодни рани на А.Ѓ.. Веднаш по добиената пријава за настанот, полициски службеници презедоа соодветни мерки и активности и случајот е во целост расчистен.
Напаѓачот е лишен од слобода, а од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје, во координација со ОЈО Скопје, е поднесена кривична пријава по итна постапка против А.Ч. за кривично дело “обид за убиство” по член 123 во врска со член 19 од КЗ. Од страна на судија на претходна постапка, на лицето му е определена мерка куќен притвор во траење од 30 дена“, велат од полицијата