АЛАРМ ОД ХАЛКБАНК, НЕ КЛИКАЈТЕ НА ЛИНКОВИ Измама се шири во име на банката
Банката предупредува дека станува збор за измама и апелира граѓаните да не споделуваат лични и финансиски податоци
Халкбанк АД Скопје ја предупреди јавноста за нов обид за измама, откако на 27 април 2026 година биле регистрирани лажни онлајн анкети што се шират во име на банката.
Станува збор за злонамерна кампања во која од корисниците се бара да внесат лични и финансиски податоци, вклучително и информации од платежни картички, со цел нивна злоупотреба.
Од банката потенцираат дека анкетата нема никаква врска со нив и претставува класичен обид за измама.
– Апелираме до јавноста да не кликнува на вакви содржини, да не внесува лични или финансиски податоци и да биде особено внимателна при вакви пораки и линкови – информираат од Халкбанк.
Во соопштението се нагласува дека банката никогаш не бара од клиентите да споделуваат чувствителни информации преку анкети или неофицијални канали.
– Сите комуникации од страна на банката се одвиваат исклучиво преку официјални и безбедни канали – додаваат од Халкбанк.
Од таму упатуваат и конкретен совет до граѓаните кои евентуално веќе ги споделиле своите податоци.
– Доколку клиентите веќе ги имаат внесено своите податоци, потребно е веднаш да се обратат во Контакт центарот на банката на телефон 02 3296 330, кој е достапен 24/7 или преку [email protected]
, со цел навремено преземање на соодветни мерки – велат од банката.