ИРАН ПОБАРАЛ ДИРЕКТНИ РАЗГОВОРИ СО САД Трамп ги испраќа Кушнер и Виткоф во Пакистан
Иранците му се обратија на претседателот Доналд Трамп и побараа разговор во живо, ќе видиме што имаат да кажат, вели портпаролката на Белата куќа Керолин Ливит.
Иран побара нова средба лице в лице со американската влада, изјави денеска портпаролката на Белата куќа Керолин Ливит, додавајќи дека специјалните пратеници на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер и Стив Виткоф, утре ќе отпатуваат во Пакистан.
– Иранците му се обратија на претседателот Трамп и побараа разговор во живо. Затоа претседателот ги испраќа Стив Виткоф и Џаред Кушнер да слушнат што имаат да кажат – изјави Ливит за Фокс њус.
Таа додаде дека потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, е подготвен да отпатува во Пакистан доколку Вашингтон оцени дека тоа е „неопходно користење на неговото време“.
– Во последните неколку дена видовме одреден напредок од иранска страна, што го наведе претседателот Трамп да донесе одлука да испрати пратеници да ги сослушаат Иранците. Ќе видиме што имаат да кажат – рече Ливит.
Таа нагласи дека Вашингтон се надева на продуктивни разговори кои би можеле да придонесат кон постигнување договор, додавајќи дека Трамп секогаш сака да ѝ даде шанса на дипломатијата и дека тоа е негова прва опција.
Иранските државни медиуми објавија дека министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи отпатува во Пакистан.
Ирански претставници соопштија дека Арагчи ќе ги посети и Оман и Русија.