ДОГОВОРОТ ЗА НАТО НЕ ПРЕДВИДУВА ИСКЛУЧУВАЊЕ НА ЗЕМЈИ ЧЛЕНКИ Италија и Германија со поддршка на Шпанија, по објавите дека САД сакаат да ја исклучат од Алијансата

Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска изјави дека неговата земја ќе остане членка на НАТО.

499

Северноатлантскиот договор, со кој е формиран сојузот НАТО воопшто не содржи одредба што предвидува можност за исклучување на земја-членка од организацијата, вели претставник на Алијансата.

Реакцијата доаѓа откако дел од западните медиуми објавија, повикувајќи се на интерен документ на Министерството за одбрана на САД, дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп размислува за замрзнување на членството на Шпанија во НАТО поради несогласувањата поврзани со политиката кон Иран.

„Основачкиот договор на Алијансата не предвидува никаква одредба за замрзнување на членството или за исклучување на земја“, коментираше за Би-Би-Си претставник на Алијансата.

Од друга страна, портпаролката на Пентагон, Кингсли Вилсон, за британскиот јавен сервис истакна дека и покрај сè што САД направиле за своите сојузници, тие „не биле со нив“.

Таа нагласи дека Министерството за војна ќе му обезбеди на претседателот Трамп „сигурни опции за да гарантира дека сојузниците веќе нема да бидат тигар од хартија, туку ќе си ја завршат својата работа“.

Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска изјави дека неговата земја ќе остане членка на НАТО.

– Шпанија е лојална членка на Алијансата која ги исполнува своите обврски, но во рамките на меѓународното право – изјави Санчез на Самитот на ЕУ на Кипар.

Тој е еден од најгласните критичари во Европа на американско-израелската војна против Иран, поради што повеќепати беше вербално нападнат од американскиот претседател Доналд Трамп.

Западните медиуми претходно објавија дека во Пентагон циркулира белешка со предлог-мерки против неколку членки на НАТО кои не ја поддржале американската војска во војната против Иран.

Во случајот со Шпанија се споменува можност за суспензија на нејзиното членство на иницијатива на САД.

– Ние не работиме врз основа на електронски пораки, туку врз основа на официјални документи и ставови на владата на САД. Ставот на шпанската влада е јасен: апсолутна соработка со сојузниците, но секогаш во рамките на меѓународното право – рече Санчез.

Владата во Мадрид ја оцени војната против Иран како „нелегална“ и спротивна на меѓународното право, па им забрани на САД да ги користат воените бази на југот на земјата за напади врз Иран. Исто така, го затвори воздушниот простор за американски воени авиони кои учествуваат во нападите.

Во интерната комуникација на Пентагон се споменува и Обединетото Кралство, кое би можело да ја изгуби поддршката на САД во спорот со Аргентина околу Малвинските (Фолкландските) Острови.

Лондон првично, исто така, забрани користење на своите бази за напади врз Иран.

Италија и Германија денеска застанаа зад Шпанија по медиумските извештаи за можна суспензија на земјата од НАТО.

– Мислам дека НАТО мора да остане обединет. Тоа е нашата сила – изјави италијанската премиерка Џорџа Мелони во Никозија, каде што учествува на самит на ЕУ.

Поддршка за Шпанија изрази и Германија. Портпаролот на германската влада изјави дека членството на Шпанија во НАТО не е доведено во прашање.

– Шпанија е членка на НАТО и не гледам причина тоа да се промени – рече портпаролот на редовната прес-конференција во Берлин.

Американскиот претседател, исто така, ѝ замерува на Шпанија што одбива да ги зголеми трошоците за безбедност на 5 проценти од БДП до 2035 година, од кои 3,5 проценти би биле наменети исклучиво за воени расходи, како што беше договорено на минатогодишниот самит на НАТО во Хаг.

Мадрид смета дека може да ги исполни целите за воени капацитети поставени од НАТО со ограничување на воените трошоци на 2 проценти од БДП.

Поврзани содржини